23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Николовска: Зошто е важен влезот во Европската Унија за земјоделците, што значи тоа во пари и други придобивки

Отворањето на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија е значаен чекор за целата држава и нејзините граѓани.

За земјоделците и агробизнисмените посебно значење имаат промените на подобро кои ќе ги донесе нашето челнство во Унијата. Во таа смисла овој пристапен период и активностите кои ќе се одвиваат се важни и треба да ги следиме и како јавност, но со поголемо внимание како директни учесници, дали на експертско ниво, земјоделски производители, трговци, агробизнисмени и земјоделски здруженија за да се помогне на администрацијата успешно да се заврши овој клучен период за нашиот агросектор.

Токму затоа на платформата Агротим ќе посветиме внимание и простор за да ги информираме (ако сакате и увериме) нашите земјоделци во предноста која ја нуди членството на државата во ЕУ, а тоа може само преку правилни и точни информации. Само едуциран земјоделец, со доволно информации може да донесе сам заклучок за одреден процес, без предрасуди или други политички, партиски влијанија или муабети пред продавници и кафеани.

Довербата која ја градиме со години со вас, земјоделци, е мојот адут во оваа наша мисија, да и помогнеме на Владата успешен пристапен процес во ваш интерес и да имаме европско земјоделство.

Почнуваме со најосновното – Што претставува Заедничката земјоделска политика и зошто дури 40% од буџетот на ЕУ е токму за земјоделство и рурален развој.

Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ е најстара и една од најважните политики, како во однос на бројот регулативи што ја регулираат оваа област, така и од аспект на уделот на земјоделскиот буџет во вкупниот буџет на Европската Унија. Поточно, големината на буџетот на Заедничката земјоделска политика е многу висока и е малку помалку од 40% од вкупниот буџет на ЕУ.

Нејзината примарна цел е да обезбеди:

  • Стабилно снабдување со квалитетна, безбедна храна за населението;
  • Пристапни цени и соодветен приход за земјоделците;
  • Модернизација и развој на земјоделското производство и
  • Модернизација и развој на руралните области.

Денес, особено внимание се посветува на подобрувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштита на животната средина, обнова и развој на руралните култури, зачувување на културните богатства и традиционалните обичаи. Се промовира рурален развој, вклучувајќи рурален туризам, традиционални занаети, подобрувања во инфраструктурата, како и производството на квалитетни органски и автохтони земјоделски производи.

ШТО ОПФАЌА ЗАЕДНИЧКАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПОЛИТИКА:

Заедничката земјоделската политика на ЕУ вклучува бројни области и аспекти и се имплементира преку три клучни видови на мерки, кои го сочинуваат темелот на политиката. Станува збор за следните мерки:

Директни плаќања. Директните плаќања подразбираат дека, под одредени услови (животна средина и здравје на човекот, безбедност на храна, почитување на благосостојбата на животните, одржување на земјиштето во добра состојба или почитување на барањата за „позеленување “(greening)), земјоделците добиваат стимулации без оглед на тоа со кој вид на производство се занимаваат. Целта на овие стимулации е да се обезбеди стабилен приход без оглед на флуктуациите и неизвесностите на пазарот. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).

Пазарни мерки. Пазарните мерки имаат за цел да ги стабилизираат земјоделските пазари и да спречат ескалација на пазарните кризи (мерки на интервенција на пазарот) ; да ја зголемат побарувачката и да им помогнат на земјоделските сектори на ЕУ подобро да се прилагодат на пазарните промени. Неопходно е да се потенцира дека во оваа област, како во областа на директните плаќања, државите-членки не може да имаат свои национални мерки; наместо тоа, оваа политика се спроведува централно, на ниво на ЕУ. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).

Политиката на рурален развој. Руралниот развој вклучува мерки потребни за развој на активности во руралните области кои придонесуваат за зајакнување на конкурентноста на земјоделството и шумарството како и за подобрување на биодиверзитетот на руралните области. Потребите и предизвиците во руралниот развој се адресираат преку национални и регионални програми на секоја држава-членка. Овие мерки се финансираат од Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD).
Ленче Николовска

Извор на информации – https://eu.org.mk

извор: Агротим