„Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, проект за политички поени. Патната инфраструктура за Владата што ја предводам значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и производи, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните“ изјави премиерот Димитар Ковачевски при увидот на работите на автопатот Кичево – Охрид.
Тој изјави дека е свесен оти работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години поради огромните пропусти во самиот проект.
„Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите на терен. И тоа беше само еден сегмент што требаше да се надмине, промашена траса, неусогласеност на проектната документација и состојбата на терен, дислокација на далекуводи, телефонски кабли, водоводни инсталации, индивидуални и стопански објекти, бидејќи беа на самата автопатска траса“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека мора да се спроведат започнатите проекти и да се оди напред, бидејќи тоа е за доброто на граѓаните. Ковачевски кажа дека е во секојдневна комуникација во врска со напредокот на автопатот и инсистира овој пат да се земе како највисок приоритет.
„Денеска, како што и може да се забележи, се става асфалтна подлога во тунелот, се работи на електрична инсталација и хидрантска мрежа. Тунелите за да бидат приспособени за сообраќај треба да се изработи вентилационен систем, противпожарна заштита, видео надзор, систем за детекција на опасни гасови, сообраќајна сигнализација и команден центар. Овие два се најдолгите друмски тунели во земјава со вкупна должна од 4 километри“ рече Ковачевски.