Министерот за економија, Крешник Бектеши, во рамките на втората меѓувладина седница на владите на Северна Македонија и Албанија со своите колеги Белинда Балуку, министер за инфраструктура и енергетика на Албанија, и Едона Биљаљи, државен министер за заштита на претприемаштво на Албанија, потпиша два меморандума за соработка.
Меморандум за соработка во енергетиката и меморандум за соработка за развојот на претприемаштвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија и стартапи.
Земајќи ги предвид поволните услови на двете земји за проширување на енергетската соработка, како и важноста и бенефициите од билатералната соработка во енергетскиот сектор и енергетските ресурси за заемна корист и во согласност со принципите на легислативата на ЕУ и договорот за основање на енергетска заедница, со меморандумот за соработка во енергетиката е предвидено да се интензивира билатералната соработка во енергетскиот сектор во согласност со националните политики и стратегии на Северна Македонија и Албанија.
Целта на меморандумот за соработка во енергетиката е да создаде рамка за соработка меѓу двете страни за подготовка и реализација на заеднички енергетски проекти, кои главно се однесуваат на инфраструктурата за природен гас и ТНГ-терминалот во Валона, како и обновливите енергии.
Исто така, преку него ќе се реафирмираат волјата и подготвеноста на страните за долгорочно планирање на инфраструктурата и координиран развој на поврзаноста Албанија – Северна Македонија, со фокус на подобрување на енергетската безбедност во регионот на Западен Балкан и сигурно снабдување со енергија.
По стапувањето во сила на овој меморандум, ќе се формира мешовит комитет, составен од експерти од двете страни, со цел гарантирање и ефикасно спроведување на активностите за соработка во рамките на овој меморандум.
Целта на меморандумот за соработка за развојот на претприемаштвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија (МСП) и стартапите е да се зајакне соработката меѓу Северна Македонија и Албанија овозможувајќи меѓусебна размена на информации и споделување искуства поврзани со прашања што се однесуваат на претприемаштвото и подобрување на екосистемот за МСП и за стартапите.
Со овој меморандум двете земји ќе соработуваат во делот на приближување на националните и регионалните политики во усогласување со правото на Европската Унија и поттикнување регионална соработка и развој во однос на претприемаштвото и подобрување на екосистемот за МСП и за стартапите и ќе работат на развој на административни капацитети за имплементација на стратегиите на двете страни во опфатените области.
Со меморандумот е предвидено организирање заеднички активности и учество на конференции, форуми, самити или работилници, како и изготвување проекти во области кои заеднички ќе бидат определени за да аплицираат за дополнителни финансиски ресурси за регионална соработка со цел да се зголемат областите прифатливи за двете страни.
Во своето обраќање на заедничката меѓувладина седница министерот Бектеши потенцира дека Република Северна Македонија и Република Албанија имаат голем простор за соработка во енергетскиот сектор со проектите што почнаа да се реализираат во Албанија, каде што се предвидува да биде дел и Северна Македонија.
„Со колегите од Албанија работиме за да се забрза имплементацијата на проектот за трансмисија, што ќе даде дополнителна можност енергетските пазари на Северна Македонија и Албанија да се интегрираат и заедно да ја имаат првата берза за електрична енергија овде во регионот. Исто така, надлежните министерства треба да го решат и прашањето за олеснување на процедурите за увоз на земјоделски производи. Нашите две земји ќе ја продолжат соработката со единствена цел да се интегрираат во олеснувањето на трговијата“, изјави министерот Бектеши.