27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицевски: Не бевме консултирани за датумот за Жан Моне процесот

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата не беше консултирана за да се договори точен датум и тајминг за организација и одржување на продолжетокот на Жан Моне процесот, изјави координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Би сакал да демантирам одредени медиуми коишто рекоа дека ВМРО-ДПМНЕ бојкотира. Апсолутно не, ВМРО-ДПМНЕ е најактивниот учесник во Жан Моне процесот и донесувањето, односно работа на усогласување на новите измени на Деловникот што постои. Зошто власта го одбра токму денешниот ден кога веќе беше укажано и алармиравме дека имаме претходно закажани обврски и присуства на одредени состаноци и средби, не знам, меѓутоа од она што го имам како информација за коешто се зборувало во овој Жан Моне процес, на којшто повторно морам да потенцирам дека најголемата пратеничка група во Собранието со 44 пратеници, не присуствуваше и не ги кажа своите забелешки е дека денеска се разговарало за одредени измени коишто би можеле да значат заобиколување на работата на работните тела, односно на Комисиите и токму тоа е интенцијата“, рече Мицевски.

„Доколку се сеќавате она што се случи на Комисијата за изборите и именувањата кога на половина од Комисија се направи еден извештај за двајца кандидати за уставни судии, а третиот сè уште не е завршен како постапка и е во процедура во Собранието и со таков еден извештај се дојде на Собраниска седница, очигледно сакаат да го направат на сите други комисии“, додаде Мицевски.

Додаде дека власта не е подготвена да трпи критика, да слуша аргументи затоа што постоечкиот Деловник дава можност за ограничување на дискусијата на пленарна седница, меѓутоа поголема можност за дискусија на работно тело, односно на комисијата.