Соопштение на СДСМ:
ВМРО-ДПМНЕ 11 години вршеше културен инжинеринг и потроши стотици милиони евра на лажен барок од гипс картон, затоа денес оваа партија е најмалку повикана да зборува за Археолошкиот музеј и за културата.
Археолошкиот музеј е најскапата зграда во проектот Скопје 2014 и таа како и повеќето згради од овој проект нема технички прием.
Факт е дека Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија токму во последните 5 години започна да работи како професионален музеј, како што доликува на рангот на водечки археолошки музеј.
Оваа институција во 2012 година не беше формирана согласно Законот за музеите и беше основана без музејски збирки.
Притоа, беше направена огромна штета и на Музејот на Република Северна Македонија кој и ден денес не може правно и физички, но и инстутиционално и програмски да се опорави од небрежноста и непрофесионалноста во поделбата на музеите.
Во последните 5 години музејот обезбеди нови предмети со кои започна да формира збирки, што е негова основна функција.
Факт е и дека од музејската поставка се отстранети современи уметнички слики и восочни фигури, кои беа непотребен трошок за еден археолошки музеј, а кои беа одраз на Скопје 2014.
ВМРО ДПМНЕ има најмалку право да зборува за нефункционалноста, валканоста и хаотичноста на музејската зграда: светски преседан е три исклучително важни државни институции да бидат сместени во иста зграда, каков што е случајот овде.
Очигледно при планирањето и проектирањето на зградата не се земале предвид трошоците за нејзиното одржување, особено во време во кое живееме, на светска пандемија и глобална економска криза.
Mузејот, согласно светските музејски стандарди, не смее да е во близина на вода и во зграда со други институции.
Затоа, веќе после шест години на функционирање на објектот има проблеми и е во распаѓање, во која е насобрано големо количество влага.
За тоалетите во музејот, факт е дека не постои музеј во светот каде што тоалетите се проектирани веднаш до музејските витрини во кои се изложуваат музејски предмети.
Резултатите од археолошките истражувања редовно се објавуваат во македонските и странските медиуми, на социјалните мрежи, на веб страницата на музејот и во годишните извештаи, кои се достапни за јавноста.
Непоправлива е штетата што ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја правеше врз културата во државата.