„Во услови на енергетска криза и раст на глобалните цени на енергентите, коишто влијаат и врз девизниот пазар, домашните цени и животниот стандард, Народната банка целосно е посветена на остварувањето на својата основна цел, одржувањето на макроекономската стабилност“. Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерот Фадил Бајрами и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.
Пандемијата, воениот конфликт во Украина и енергетската криза наметнаа нови предизвици коишто предизвикаа раст на цените на примарните производи, пред сè на цените на енергентите и на храната, коишто секојдневно имаат променливи движења на светските берзи и предизвикуваат нагорни ценовни притисоци. Овие движења имаат големо влијание врз домашната економија, којашто е високо зависна од увоз. Во вакви услови, носителите на политиките имаат задача одговорно и навремено да одговорат преку мерки коишто ќе го ублажат растот на инфлацијата, водејќи сметка истовремено и за економскиот раст. Одговорот на овие случувања од страна на Народната банка, како и на најголемиот дел од централните банки ширум светот, е постепеното монетарно затегнување. Воедно, Народната банка успешно ја одржува стабилноста на девизниот курс, што претставува главното сидро на вкупната стабилност на економијата.
Аранитаси истакна дека ЕБОР ќе продолжи со поддржувањето на македонската економија преку финансирање проекти од јавниот или приватниот сектор. Притоа, тој рече дека покрај проектите за поддршка на конкурентноста на македонската економија, посебно се поддржуваат проектите за преминување на македонската економија кон модел којшто овозможува позитивни ефекти врз животната средина.
Беа посочени и активностите на централната банка со кои се придонесува за ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата. Покрај низа активности за поддршка на „зелените финансии“, една од најновите мерки на централната банка е промената кај задолжителната резерва заради поттикнување на кредитирањето проекти поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.