24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за тргање „20 отсто“ од Уставот: Да не создаваме нови поделби, кои никому не му одат во прилог

Би се вратил на суштината, а суштината е дека и Македонците и Албанците, и Турците и Србите, и Власите, и Бошњаците и Ромите лошо живеат, тешко живеат. Да се фокусираме на тие проблеми, да ги решаваме проблемите на граѓаните. Да не создаваме нови поделби и да не создаваме нова поларизација, која никому не му оди во прилог“, ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој одговори на новинарско прашање во врска со барањето на албанските партии за тргање на формулацијата „20 %“ од Уставот.

Појасни дека во оваа насока пострашно беше дообјаснувањето на некои претставници на албанските партии, кои спомнуваат дводомен парламент, нешто што според него е многу погрешен чекор и го нарушува унитарниот карактер на Македонија.

„Пострашно беше тоа што го кажаа како дообјаснување претставниците и лидерите на албанските партии, а тоа е формирање дводомен парламент, што би значело де факто и де јуре федерализација и мислам дека тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија бидејќи мислам дека ниту на Европа ниту на светот не му е потребна уште една Босна на Балканот и уште нефункционална држава. Една веќе имаме таква, тоа е Босна и не му е потребно да биде и Македонија. Ние сме против и рековме тогаш дека тоа е црвената линија за која сме подготвени да ја браниме со сите средства и алатки што ни стојат на располагање како политичка партија“, истакна Мицкоски.

„Јас споменав да разговараме и за Бадентер, споменав да разговараме и за Балансер, да разговараме за намалување на тој праг од 20 % на 5, на 10, 15 % ако сакаме да бидеме навистина граѓанско општество, па и Турците, и Бошњаците и Ромите да може во општините каде што се повеќе од тие проценти, да зборуваат на својот мајчин јазик бидејќи суштината на Рамковниот договор е таа. Суштината на Рамковниот договор е да го покаже мултиетничкиот карактер на Македонија, а не да ја направи Македонија бинационална држава, за тоа сме против“.