24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Собранието со закон забрани здруженија да носат фашистички имиња

Со 67 гласа „за“ на пратениците од сите партии Собранието ги донесе измените на Законот за здруженијата и фондациите.

Со законот се забранува основање и упис на организации што во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх.

Оваа забрана не се однесува само на називот на партијата, туку и на нејзиниот статут.

Измените на законот беа предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. По гласањето, пратеничката Рашела Мизрахи изјави дека е чудно што таканаречениот либерален закон за здруженија и фондации пред овие измени во целокупното минато на независна и суверена Република Македонија не дозволи отворање таканаречени културни клубови со имиња на контроверзни личности и фашисти.

„Се чини дека договорот за добрососедство, всушност, претставува основа за негирање, искривоколчување и ревидирање на историските вистини. Па, така, денес, со еден мал навидум незначителен закон се штитат антифашистичкото минато на Македонија и историската вистина за нас“, рече Мизрахи.