24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Предлог-законот за културата е кај репрезентативните синдикати, се очекуваат нивните мислења и забелешки

Во врска со денешната прес-конференција на СКРМ на која беа изречени ставови дека не се вклучени или дека се доцна вклучени во изработката на нов Закон за културата, Министерството за култура информира дека Предлогот на закон за остварување на јавниот интерес во културата, кој беше доставен до Собранието на РСМ во јануари 2020 година, поради многубројните забелешки изнесени и на самата расправа за Предлогот во Собранието во април 2022 година, беше повлечен од натамашна постапка за донесување.

Со оглед на тоа што културата е исклучително комплексна и хетерогена и допира интереси на институционално и вонинституционално остварување, Министерството за култура одлучи новата нацрт-верзија на Законот да биде изработувана во инклузивен и партиципативен процес кој ќе ги вклучува сите засегнати страни. Во тој контекст, една работна група изработи нацрт-верзија во која беа вклучени претставници од установите и од невладиниот сектор. Оваа првична нацрт-верзија е доставена на мислење до СОНК и до СКРМ.

Предлогот е испратен до СКРМ на 28 октомври 2022 година, откако беше усогласен Записникот од средбата со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, одржана на 14 октомври. Текстот е испратен до репрезентативните синдикати со барање да достават мислења и забелешки до 8 ноември 2022 година. Во следниот период ќе се работи на оваа нацрт-верзија во согласност со предлозите, забелешките и мислењата на синдикатите. Временскиот период не е лимитиран и откако текстот ќе биде усогласен со синдикатите, ќе започне постапка за широка јавна дебата.

Министерството верува дека синдикатите, со своето учество во изготвувањето на долгоочекуваниот нов Закон за културата, ќе дадат квалитетен придонес за уредување во оваа сфера и ќе придонесат за донесување нов, современ, европски Закон за културата.
Репрезентативните синдикати во културата остануваат партнер на Министерството за култура, како и досега, преку нивна партиципација во сите процеси во културата, како што е донесувањето на закони, на буџет, на Колективниот договор. Посветено работиме на унапредување на синдикалните права во културата, што, уверени сме, ќе донесе и нов програмски квалитет во оваа област.