25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Отворање на сензорна соба во ООУ „Кочо Рацин“ во Куманово

Куманово, 31.10.2022 – Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ денес се отвора сензорна соба во ООУ„Кочо Рацин“-Куманово. Оваа сензорна соба е специјално опремена просторија каде стручните соработници и наставници од ова училиште ќе можат да обезбедат дополнителна образовна поддршка за учениците со и без попреченост.
Ова е 18 сензорна соба која се отвора како дел од овој проект кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“. Овој проект е финансиран од Европската Унија.

Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ истакна дека сензорните соби претставуваат инструмент за подобро учење и развој на учениците со попреченост.
„Со поддршката на донаторот, Европската Унија, во рамките на овој проект во Општина Куманово со месечни стипендии се поддржани 44 ученици со попреченост, а ги поддржуваме и училиштата да ја подобрат својата инклузивност и пристапност. Така само во оваа општина реализиравме едно надворешно инклузивно игралиште, работиме на еден пристапен тоалет, а ова е 3та сензорна соба која ја отвораме во училиштата во оваа Општина. Сензорните соби претставуваат специјално опремени простории каде може да се изведува индивидуална работа со учениците кои имаат потреба од дополнителна поддршка. Би сакала да напоменам дека оваа просторија не е замена за училница, туку е помошен простор кој ќе помогне училишниот тим да ги оствари образованите цели за секое дете. “- рече Благица Димитровска.

Оваа сензорна соба е опремена и со поддршка од Општина Куманово која секогаш за залага да ја подобри инклузивноста во училиштата.
„Оваа сензорна соба, претставува уште еден локален симбол за нашата посветеност лицата со попреченост да имаат пристап до квалитетно образование. Како Општина секогаш се вклучуваме во активностите спроведени од овој Проект кој има за цел да придонесе кон суштинско вклучување на децата со попреченост во редовните училишта. Се радуваме на повторната можност со здружени сили со донаторот, граѓанскиот сектор и невладините организации и ние како Општина да направиме чекор кон еднакви можности и еднакви права на сите наши жители.“, истакна Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Директорката на ООУ„Кочо Рацин“- Куманово, Лидија Пешевска, истакна дека оваа сензорна соба е опремена со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и сл. и ќе биде уште една дополнителна алатка која ќе помогне училиштето да обезбеди инклузивно и квалитетно образование. Во името на вработените, учениците и родителите изрази голема благодарност до ЕУ, Фондацијата „Чекор по чекор“, здружението „Инклузива“, здружението „Хандимак“ и Општина Куманово.