Балканот забрзано се трасформира во заедница на можности за слободна комуникација и соработка меѓу луѓето кои живеат на овие простори. И неспорно, создавањето на тесни врски во духот на интеркултурализмот придонесува за развој и просперитет на регионот. Во сферата на образованието, приближувањето овозможува создавање на балканско образовно подрачје, преку кое што ќе може да се искористи целиот потенцијал на образованието и културата на државите од овој дел на Европа, рече заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу на 5-то издание на Меѓународната научна конференција за Балканологија со тема Балканот и Глобализација.
„Најсвеж пример за глобализацијата на Балканот се активностите во рамките на Отворен Балкан и Берлинскиот процес, кои ќе овозможат меѓусебно признавање на високообразовните квалификации и олеснување на мобилноста на кадарот. Тоа ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата на пазарот на труд, а преку максимална соработка меѓу националните центри за академско признавање на квалификации, размена и споделување на искуства, алатки и бази на податоци, како и соработка преку Регионалната база на податоци за признавање на земјите од Западен Балкан, ќе водиме заедничка борба против појавата на фалсификување на документи“, посочи заменик министерот Алиу.
Нагласи дека самиот тренд на глобализацијата вклучува поголемо движење на стоки, пари, информации, луѓе и развојот на технологијата, а тоа пак придонесува за пораст на трговија со поголемо темпо отколку порастот на светската економија, пораст во проток на капитал, вклучувајќи ги тука и странските директни инвестиции.
„Една од придобивките на глобализацијата на Балканот е и ширењето на мултикултурализмот и подобриот пристап до културна разновидност, изедначување на разликите помеѓу народите и стекнувањето меѓусебна доверба“, укажа заменик министерот.
Тој нагласи дека подобрувањето на условите за раст и развој на домашната економија, преку глобализацијата и соработката најнапред со соседите, е предуслов за успешно надминување на економската криза со која се соочува светот, вклучително и Балканот, и дека конференцииите како оваа се можност за нови идеи за продлабочување на интеграцијата.