Од прес-конференцијата на портпаролот Душко Арсовски и Виктор Андонов, советник за енергетика во Владата на Република Северна Македонија: Отпочнува процес на целосна транспарентност за енергетската состојба во земјата со цел да се избегнат шпекулациите и паниката кај граѓаните; Домашните капацитети покриваат 100 % од дневните потреби на граѓаните и малите потрошувачи; Продолжува примената на зимското сметање на времето
Портпаролот на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски на денешната прес-конференција информираше за донесените одлуки и заклучоци од 95. седница на Владата и одговараше на прашања од интерес на јавноста и медиумите. На прес-конференцијата присуствуваше и Виктор Андонов, советник за енергетика, кој информираше за актуелната енергетска состојба во земјава.
Андонов на прес-конференцијата истакна дека во моментов е исклучително важно да ја зачуваме стабилноста на енергетскиот систем и дека без исклучок, сите треба да штедиме електрична енергија, рационално да ги користиме енергенсите и да бидеме солидарни.
„Овој тежок период што ни следува заедно ќе го пребродиме. Сега е време за солидарност, разбирање и соработка“, истакна Андонов.
Тој информираше дека Владата започнува со процес на редовно информирање на јавноста како што беше најавено и од премиерот Ковачевски за енергетската состојба во земјата.
Андонов порача дека секој граѓанин е важна алка во овој процес и дека е потребно сите да направиме мала промена во домот и на своето работно место кое ќе значи многу за енергетскиот систем.
„Веќе редовно споделуваме информации за тековната состојба на производство на електрична енергија, претходно обработени од страна на ЕСМ со цел одбивање на лажни вести и дезинформации кои служат за создавање за паника и несигурност кај граѓаните. Ќе бидете информирани и за мерките кои се преземаат за ублажување на последиците од економско-енергетската криза како и за тековните одлуки кои ќе ги носи Владата со цел надминување на кризата“, истакна советникот за енергетика, подвлекувајќи дека им стои на располагање на новинарите за сите прашања што се однесуваат на процесот на справување со последиците од економско-енергетската криза.
Тој оцени дека во вакви кризни услови од исклучителна важност е граѓаните да добиваат навремени и проверени информации и дека транспарентноста по ова прашање ќе биде подигната на највисоко ниво со цел да се направи сериозен исчекор за спречување на ширење на лажни вести и шпекулации и да се спречи непотребна паника кај населението.
Во таа насока, Андонов го претстави енергетскиот биланс за производство на електрична енергија за 25.10.2022 година кој покажува дека домашните капацитети 100% ги задоволуваат дневните потреби на граѓаните и малите потрошувачи.
Имено, дневното производство на електрична енергија на ЕСМ изнесува 11.083 мегават часови произведена електрична енергија од кои во термоелектраните произведени се 8.940 мегават часови на електрична енергија, додека од хидроелектраните и ветерниот парк во Богданци кои се обновливи извори на енергија произведени се 2.143 мегават часови на електрична енергија.
Андонов истакна дека состојбата се следи на дневно ниво и дека редовно ќе биде споделуван со јавноста овој енергетски биланс и упати апел до граѓаните да бидат рационални во потрошувачката и дека секој заштеден киловат час електрична енергија придонесува за добро функционирање на енергетскиот систем и избегнување на најцрното сценарио, а тоа се рестрикции.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски на денешната прес-конференција информираше дека на предлог на Канцеларијата на Премиерот, Владата ги прифати усогласените текстови на три договори поврзани со регионалната соработка на земјите опфатени со Берлинскиот процес. На вчерашната седница беше разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан и прифатен усогласениот текст. Договорот ги опфаќа шесте држави од регионов, а предвидува исти услови за влез, транзит, излез и краток престој на физичките лица, односно на носителите на лични карти.
На 95. седница, како што истакна Арсовски, беше усвоен и усогласениот текстот на договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на Договорот за слободна трговија. Договорот овозможува размена на професионалци кои поседуваат професионална квалификација за доктори по медицина, доктори по стоматологија и архитекти меѓу Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Овој Договор, како што беше истакнато, обезбедува повеќекратна добивка, бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ, преку што се обезбедува подобар квалитет и мобилност на овој кадар во рамките на Западен Балкан.
Портпаролот истакна дека преку Договорот ќе се обезбеди и побрза интеграција на земјата во процесот на ЕУ, поради исполнување на барањата од европското законодавство и фактот дека образовниот, како и институционалниот систем на државата, со понатамошна имплементација на Договорот, ќе бидат подготвени за оваа преземена обврска, односно таа ќе биде целосно усогласена со барањата на Унијата за полноправно членство.
На денешната прес-конференција беше посочено дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои и Информацијата за склучување на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот. Овој Договор за земјите од Западен Балкан значи изнаоѓање заеднички, практични и транспарентни решенија за подобрување на практиките за признавање на високото образование, преку воспоставување стандард и постапки за признавање на високообразовните квалификации, а воедно е во согласност со Лисабонската конвенција за признавање на квалификации, коишто се однесуваат на високото образование во европскиот простор. Со него, меѓу другото, се овозможува и промовирање и проширување на основите за соработка во Западен Балкан, развивање соработката помеѓу високообразовните и истражувачките институции и промовирање на академската мобилност.
Арсовски информираше дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и информацијата на Министерството за економија, во врска со изготвената анализа за можноста за продолжување на примената на летното сметање на времето и истакнаа дека согласно сите анализи е заклучено дека нема промена на досегашниот систем за сметање на времето, што значи ќе продолжи примената на зимското сметање на времето, како што се практикуваше и досега.
На прес-конференцијата беше информирано дека на вчерашната седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за исплата на пензии за месец октомври. Се задолжува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28. октомври и се препорачува на деловните банки пензионерите да може да располагаат со октомвриските пензии преку мрежата банкомати и во трговската мрежа од 31. октомври. Како што беше информирано, за клиентите кои не користат картички, се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии, како и досега во четири групи според распоред составен согласно висината на пензијата.
На новинарското прашање околу трендот за префрлање на голем број потрошувачи на регулираниот пазар и како тие ќе бидат покриени, советникот за енергетика истакна дека овој тренд првенствено беше нотифициран токму од страна на Владата и од страна на Регулаторната комисија за енергетика и дека во изминатиот период се правеа сериозни анализи и препораки во согласност со сите чинители во енергетскиот сектор. Андонов истакна дека се изнаоѓаат решенија на кој начин да се спречи овој тренд на враќање на дел од потрошувачите на регулираниот пазар и веќе се преземаат и конкретни чекори.
Тој рече дека секојдневно се обезбедуваат 100 %од потребите на регулираниот пазар и дека до овој момент не е направен ниту еден киловат час на увоз за задоволување на овој дел од пазарот. Ова беше образложено и на брифингот кој го имаше претседателот на Владата и дека во моментов се разговара за конкретни мерки кои ќе бидат понудени на одредени потрошувачи, а дел од истите ќе бидат снабдувани од ЕСМ продажба, односно нема да бидат на регулираниот пазар.
Советникот за енергетика истакна дека во овој момент се прават анализи за колкави количини се работи во секторите кои беа споменати, секторот за здравство, за образование, јавно комуналните претпријатија за снабдување со вода и во наредниот период ќе се направи дефинирање и проектирање на количините на електрична енергија и средствата кои ќе бидат потребни и истото ќе биде објавено и презентирано на јавноста.
Во врска со медиумскиот интерес дали за потребите на потрошувачите на регулираниот пазар ќе биде увезена дополнителна електрична енергија или таа ќе биде покриена од ЕСМ продажба, Андонов истакна дека во овој момент се прават максимални напори домашното производство да биде зголемено, односно сите дополнителни количини најпрво да бидат обезбедени од домашното производство. Една од опциите за обезбедување на домашно производство е и преку работата на, како што истакна, ТЕ-ТО кој се очекува да почне да работи во текот на ноември.
На новинарското прашање кога ќе биде склучен договорот за испорака на гас, беше посочено дека директорот на ЕСМ и преку соопштение ја информираше јавноста дека се добиени неколку информативни понуди, од неколку компании и од истите е побарано да достават дополнителни информации кои ќе ја потврдат сериозноста на понудата.
Беше истакнато дека грејната сезона почна навремено на 15. октомври се одвива континуирано без прекини во испораката и без технички проблеми и така ќе остане и во иднина, а начинот на кој ќе биде обезбедена топлина ќе биде објавен во следните неколку дена.
На прашањето кои се последните информации во врска со најавите дека во неколку скопски училишта е поставена бомба, портпаролот Арсовски информираше дека веќе е пријавено дека на електронските адреси на пет училишта во Скопје се пристигнати вакви закани по што од страна на полициски службеници се преземени мерки за евакуација и антитерористички проверки, а МВР интензивно работи на расчистување на случајот.