На маргините на Првиот парламентарен самит на меѓународната Платформа за Крим, Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба и со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Џафери му изрази искрена благодарност на претседателот Стефанчук во негово лично име, од име на семејството, пратениците и Собранието на Република Северна Македонија за високата чест што му е направена со доделувањето на Oрденот Јарослав Мудриот од украинскиот претседател Володомир Зеленски, за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка и поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина. Тој исто така му изрази честитки на претседателот Стефанчук за добивањето на статусот на земја – кандидат за членство во ЕУ, што е соодветно решение во овие околности во кои се наоѓа земјата и Украина може да смета на наша целосна поддршка во тој контекст.
Претседателот Стефанчук од друга страна, изрази почит и благодарност кон претседателот Џафери за личната и институционалната поддршка што Република Северна Македонија ја дава за праведната борба на Украина во одбраната на заедничките вредности, слободата и демократијата. Тој изрази надеж дека подршката ќе продолжи и во обидите за повторна изградба на разрушената инфраструктура на Украина, како и во постигнувањето на најважната цел, односно, целосното ослободување на Украина.
Претседателот Џафери изрази полна уверување дека поддршката на Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина во сите области, секако во рамките на можностите на нашата земја.