По денешната средба на претставниците од Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението „За нас“, претставниците на другите здруженија од различните категории на здравствени работници и претставниците на независниот синдикат за здравство, а на тема изнаоѓање конкретно и долготрајно решение за покачување на коефициентите на здравствените работници со средна стручна спрема, имплементирање на анекс договорот од јули 2021 година за признавање на високото образование на здравствените работници и прогресивна систематизација за здравствените работници кои завршуваат специјализација, ве известуваме дека е договорен работен состанок со министерот за здравство Беким Сали, кој ќе се одржи следната недела во понеделник.
Унијата на ЗМСТАС како иницијатор и медијатор на овие преговори исклучително се залага за донесување генерално решение за овие проблематики кои се провлекуваат изминативе години наспроти досегашните времени и импровизирани решенија.
„Драго ни е што оваа иницијатива е препознаена и од останатите здравствени работници, па покрај медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри како дел од Унијата, ни се приклучија здружението на медицински лаборанти Клинички Центар и сојузот на лаборанти и санитарни техничари со што станува јасно дека овие чекори се и повеќе од потребни бидејќи вреднувањето на трудот на здравствените работници долго време е оставен на маргините во нашето општество.
На денешниот состанок се дискутираше за покачувањето на коефициентите на здравствените работници со средна стручна спрема и за имплементирање на веќе постигнатите договори.
Работниот состанок во понеделник ќе биде нов чекор, каде се надеваме дека со помошта на министерот за здравство ќе ги оствариме нашите очекувања, а тој со своите ингеренции ќе делува онаму каде што е најпотребно, особено во прогресивната систематизација која мора да биде во чекор со произведувањето на нови кадри со високо образование.” – велат од Унијата.
Во недостиг на правен субјект, којшто сите ние како различни категории на здравствени работници е потребно да ги имаме во засебни комори, Унијата е таа која единствено репрезентативно ги обединува здравствените работници, но и активно алармира и бара решенија за пропустите со кои секојдневно се соочуваме како производ од непостоењето на соодветен закон.