Под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“, почнувајќи од денес па сè до 1 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Деновите на медиумска писменост 2022. На овој начин, нашата земја четврта година по ред се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.
Како што информираше директорот д-р Зоран Трајчевски, согласно програмата во текот на овие денови јавноста ќе има можност да присуствува на низа работилници, дебати, видео и панел дискусии, презентации, изложби фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост.
Оваа година во рамки на Деновите за прв пат е вклучена и филмска програма, поделена во два дела. Едниот дел од програмата е наменет за лица со попреченост, кои со претходна резервација на билети, бесплатно ќе можат да следат филмови од редовниот репертоар на кината Милениум и Синеплекс и во Кинотека на РСМ. Вториот дел од програмата вклучува бесплатно прикажување на тематски филмови наменети за деца од основни училишта од 6-то до 9-то одделение во кината Милениум, Синеплекс и Кинотека на РСМ, обезбедени од дистрибутерската куќа Катавеј.
За потребите на Деновите за медиумска писменост изработени се видео спот на македонски и албански јазик, аудио спот на македонски и албански јазик и аудио и видео спот на англиски јазик. Спотовите веќе се емитуваат на медиумите со цел поголем број граѓани да се информираат за настаните за медиумска писменост.
Повеќе информации за Деновите на медиумска писменост може да се најдат на веб – страниците mediumskapismenost.mk и avmu.mk и на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube каналот на Мрежата за медиумска писменост.