Функционерите кои кријат имот преку бледи соопштенија се обидоа да ја извртат вистината, но заборавија дека со секој напад само потврдуваат дека СДС крие имот. Аферата „Тајни имоти“ откри дека СДС и Димитар Ковачевски именувајќи ги овие лица на државни позиции, кријат имот вреден 30 милиони евра, истакна денеска Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ денес, како што рече тој, ќе ги претстави лицата кои се дел од функционерите вклучени во аферата „Тајни имоти“. Според него, се работи за луѓе кои имаат директни релации со врвот на власта, ова се луѓе кои Ковачевски на седница на Влада им ја дава довербата и ги именува на државни позиции.
„Ќе започнеме со Алберт Муслиу, кој како експерт и аналитичар редовно ги брани ставовите на СДС криејќи се под превезот независен. Но колку навистина е независен? Алберт Муслиу на 19-ти декември 2017-та година е именуван за претставник определен од Владата во Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Муслиу пет години нема поднесено анкетен лист до Антикорупциската комисија. Што крие Муслиу? Според нашите истражувања Муслиу на сопствено име поседува куќа во Скопје од 118 м2 и стан во Центар од 81 м2. Муслиу се јавува и како основач и сопственик на повеќе правни лица и Здруженија на граѓани. Имено тој е основач на Здружението Институт за мир и безбедност и истражување на политики КОНИЦА Скопје, како и на фирмата за трговија МАКРО МЕД“, потенцира Петрушевски.
„Имот крие и адвокатот Ивица Јевтиќ, тој е најпознатиот адвокат на СДС кој ги поднесува фамозните тужби на функционерите на СДС за навреда и клевета. Бројни такви тужби се поднесени од Ивица Јевтиќ. Па дали со негово именување на функцијата му се наплаќаат овие услуги е тема која треба дополнително да се обработи. Патем, адвокатот Ивица Јевтиќ, еден од лицата кои се опфатени со аферата „Тајни имоти“, бил член на надзорниот одбор на СДС, се јавува во голем број судски случаи каде партијата или нејзини истакнати функционери се странка во постапката. Инаку Јевтиќ е член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил. И тој не го пријавил својот имот, односно нема поднесено анкетен лист и тоа може да се види на веб страната на ДКСК. Но што крие Јевтиќ? Од анализата која ја направивме може да се види дека Јевтиќ на свое име поседува стан во Скопје, од 2015-та година основач е на Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, а во 2020-та година во месец ноември ја основа градежната компанија ФИЗ Констракшн ДООЕЛ Скопје. Јевтиќ покрај тоа што е адвокат на СДС и тој самиот бил партиски функционер, како член на Надзорниот одбор на партијата. Јевтиќ е и адвокат на голем број на општини додека СДС беа на власт во локалната самоуправа, како што е примерот со општината Кисела Вода. Воедно, Јевтиќ е член и на Македонско Бугарската Стопанска комора“, нагласи тој.
Нагласи дека имот крие и директорот на ЈП Македонски шуми, Валентин Груевски.
„Имено, од претходниот анкетен лист на Валентин може да се види дека поседува куќа во Битола и автомобил Фоксваген Голф, а неговиот брачен другар поседува куќа во Ресен. Дали има промени, и зошто не го пријавил иако веќе бил функционер и знае дека тоа му е обврска? Новица Печински, член на Управен одбор Здравствен Дом Берово исто така е на листата функционери кои кријат имот. Печински кој е вработен и во Општина Берово е и претседател на спортски клуб. А, според истражувањето кое го направивме дојдовме до сознание дека крие голема куќа во Берово и автомобил Фолксваген, кои се на негово име. Ова се само дел од функционерите кои кријат имот, а се директно поврзани со врвот на власта“, дополни Петрушевски.
Очекувано, вели тој, ДКСК да ја брани злоупотребата на законот од СДС затоа што тоа е веќе видена пракса, ДКСК работи по диктат на СДС. Ја повика ДКСК и останатите институции да почнат да си ја вршат работата, а ги повика и Јевтиќ и Груевски да си поднесат оставки на позициите кои ги држат и да платат казна која им следува по закон, а за тоа постапка да покрене ДКСК.
„Институциите да го испитаат нивниот имот, но и дали имаат и друг имот кој е на нивни блиски роднини, а може да се доведе во корелација со нив. Ние продолжуваме со објавување на детали. Одговорност мора да има“, потенцира тој.