Претседателот Стево Пендаровски денеска во Варшава, во рамки на официјалната посета на Република Полска, заедно со претседателот Анджеј Дуда присуствуваа и се обратија на полско-македонскиот економски форум, во организација на Полската агенција за инвестиции и трговија и Кабинетот на полскиот претседател.
Претседателите Пендаровски и Дуда во своите обраќања констатираа дека меѓу Република Северна Македонија и Република Полска постои растечка економска соработка, но посочија дека трговската размена во изминатите години не соодветствува на економските потенцијали на двете држави.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски изразувајќи задоволство што во интензивните контакти со претседателот Дуда секогаш во фокусот се издвојува место за економската соработка, рече дека тој сегмент добива уште поголемо значење ако се земат предвид сите потешкотии со кои се соочува целиот европски континент заради руската воена агресија во Украина.Тој додаде дека речиси и да не постои земја која не е економски погодена од воениот конфликт во Украина и која би можела самата да се справи со сите предизвици.
Во такви услови, рече претседателот Пендаровски, краткорочните решенија, кои сме присилени да ги носиме, само делумно ги ублажуваат негативните ефекти од не-економските фактори. „Затоа, натамошното системско и структурно јакнење на економската соработка меѓу нашите земји се наметнува како прв приоритет, бидејќи полза од тоа имате не само вие како стопанственици, туку и нашите граѓани кои директно ги чувствуваат ефектите од таквата соработка“, порача претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, потсетувајќи дека меѓу Северна Македонија и Полска веќе постојат солидна договорно-правна основа и воспоставена мрежа на контакти меѓу бизнисите и соодветните институции, оцени дека направениот клучен исчекор во европските интеграции, отворајќи ги преговорите за членство во ЕУ, позитивно ќе влијае на севкупниот бизнис амбиент и натамошното економско поврзување со пријателските земји-членки на Унијата.
На средбата, претседателот Пендаровски изрази очекување дека бизнис заедниците на двете држави ќе успеат, дури и во вакви, кризни времиња и тешки ситуации да пронајдат можност за просперитет.
„Постојат голем број сфери каде имаме потреба од зголемена соработка и не смееме да чекаме подобри времиња, туку веднаш да се адаптираме на новата реалност и заеднички да ги искористиме сите понудени шанси. Секоја успешна бизнис приказна дополнително ги зацврстува и нашите билатерални односи, а тоа денес, во услови на нестабилност и атак врз нашите заеднички демократски вредности од страна на ретроградни меѓународни субјекти, е дополнителна вредност“, порача претседателот Пендаровски на бизнис-форумот.
Претседателот Пендаровски престојува во дводневна официјална посета на Република Полска. Со државни и воени почести, изутрината во Варшава, беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа тет-а-тет средба на двајцата претседатели, пленарен состанок на македонската и полската делегација, како и средба и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки.