22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Театарската претстава “Сам против сите” со премиера на 26 октомври во Порта Македонија

Театарската пиеса „САМ ПРОТИВ СИТЕ“ ќе ја има својата премиера на 26 октомври – среда во ПОРТА МАКЕДОНИЈА, со почеток во 20 часот. Автор на текстот е драматургот Огнен Неделковски, режисер е Сашо Ристовски, а музиката е дело на младиот композитор Филип Неделковски. Во претставата играт популарните актерски имиња, Магдалена Ризова – Черних и Сашо Ристовски, како и младиот и талентиран актер Димитрие Марковски. Покровител на проектот е Фондацијата ЗАЕВ – Едно општество за сите.

Темата на оваа пиеса е борбата против анксиозноста и депресијата. Лекот за нив се наоѓа во секој од нас, само треба да го најдеме… Целта на „САМ ПРОТИВ СИТЕ“ е да им помогне на сите луѓе да се погледнат во огледало, да се соочат со своите стравови и да се изборат за своето место под сонцето.
Анксиозноста и депресијата се најсериозни болести и најголеми непријатели на луѓето во 21-от век. Тие не бираат возраст, пол, вера или националност. Во секоја личност наоѓаат плодна почва и напаѓаат. Траат долго и полека, но сигурно ги уништуваат луѓето, праќајќи ги своите војници – разните видови страв.

Проектот „САМ ПРОТИВ СИТЕ“ има за цел да ги отвори сите прашања поврзани за анксиозноста и депресијата, кои со години се кријат под тепих и за кои луѓето не сакаат да зборуваат. Преку три индивидуални човечки приказни и судбини, авторите на овој проект ќе ги откријат дел од причините за појавување на анксиозноста, ќе понудат разни начини за соочување и борба со оваа болест и секој од нив ќе излезе како победник со својот невидлив непријател.