Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ побара извинување од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за, како што вели, клеветите и навредите кон него.
„Гледам и слушам последниве денови дека (ш)пицнава градоначалничка Данела Арсовска од некои само за неа познати причини решила да зборува за мене и да ме напаѓа. Во ред, легитимно е тоа и немам ништо против, слободно нека продолжи жената, но за волја на вистината, морам да ѝ укажам на некои факти, кои очигледно ѝ се непознати, а впрочем и од каде би ѝ биле. Директор на ЈСП ‘Скопје’ бев речиси 3 години, на фукцијата стапив во февруари 2015 година, а бев сменет во ноември 2017 година, така што ниту сум бил ниту сум можел да бидам директор на Мицкоски.
Во овој речиси тригодишен период финансиските проблеми беа огромен предизвик, но исто така станаа мисловна именка затоа што се работеше! Оставив во наследство модерно и финансиски стабилно јавно претпријатие, што успеавте да го уништите!
Ајде да ги видиме бројките:
• Добивка 2014 – 7.136.000 денари
• Добивка 2015 – 72.980.000 денари
• Добивка 2016 – 65.260.000 денари
Обврските за плаќање во февруари 2015 изнесуваа 174.477.000 денари, а во ноември 2017 – 96.518.000 денари.
Долгот за ДДВ во февруари 2015 изнесуваше 90.422.000 денара, а во ноември 2017 – 13.491.000 денар.
А покрај тоа, во овие речиси 3 години:
– се воведе АВЛ-систем (автоматска локација на возилата),
– се воведе електронска наплата,
– се реорганизира Диспечерскиот центар во Оперативно-контролен центар (преку кој во живо се следат сите возила што учествуваат во јавниот градски превоз),
– се пушти во употреба официјалната android/iOS-апликација JSP – On The Go,
– се воведе интегриран тарифен систем,
– се прошири продажната мрежа, од 50 на над 250 продажни места,
– се постави лифт на Милениумскиот крст на Водно“, наведува Јанушев.
Тој додава дека ако се сака и ако се знае како, може и финансиски да се консолидира претпријатието и истовремено да се инвестира и модернизира.
„Јавно ја прашувам Данела Арсовска какви се финансиските резултати од оваа година и дали може на кој било начин да се споредат со најлошата година што јас сум ја имал во ЈСП? Или, еве, за полесно да ѝ биде, нека ги види и претходните 20-30 години од работењето на ЈСП. Градоначалничке, не е убаво да се расфрлате со паушални и хистерични изјави и да напаѓате без каква било основа, само ја губите и таа минимална поддршка што ја имате, ако воопшто останала таква. Засукајте си ги ракавите и земете нешто да сработите, им го должите тоа на граѓаните. И мислете уште од сега како ќе обезбедите средства за плата за овој месец за вработените во ЈСП, тоа е многу поважно отколку да се занимавате со мене.
Искрено ви посакувам во овие 3 години што ви остануваат од мандатот да имате двојно подобри резултати од оние што јас ги постигнав во ЈСП „Скопје“. И, да, – во мое време во ЈСП се земаше плата до 5 во месецот и немаше ниту еден штрајк.
П.С. Бидејќи не знаете како, прашајте, не е срамота да се побара помош.
П.П.С. Очекувам јавно извинување за клеветите и навредите кон мене… да не мора да одиме по судови“, напиша Јанушев на „Фејсбук“.