23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за повикот на Османи: Требаше да седнеме на маса пред да ги потпишат капитулантските договори

Како и обично, доцнат едно две три години во своите намери. Требаше, пред да ги потпишуваат овие капитулатнски договори, да седнеме на маса. Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговори на новинарско прашање за коментар за предлогот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за нов рамковен договор за ЕУ.

„Ние повикувавме, се сеќавате, јас повикав 5 тима да се формираат, да седнеме и да направиме стратегија и врз основа на таа стратегија понатаму да дејствуваме. Ние и покрај тоа, гледате, еден од тимовите е веќе ефективен, овој што помага во економијата, во енергетиката и покрај што тие тогаш надмено одбија, неодговорно, незрело би рекол. И сега еве со огромно задоцнување повторно нешто се нуди зашто се нема концепт јасен. Претпоставувам дека тоа е обид за дефокус од одговорноста што се бара од неговата партија за министерот за надворешни работи. Да почекаме да видиме како таму ќе се развиваат работите, па дури потоа ќе можеме да говориме за некакви планови во иднина, истакна Мицкоски.

Османи вчера, во присуство на словенечката министерка за надворешни работи, ја повика опозицијата на создавање, како што го нарече, „нов рамковен договор за ЕУ“, кој ќе ја извлече европската агенда од дневнополитичките случувања и блокади.

„Ако навистина сакаме 2030 да ни биде рок за влез во ЕУ, мораме да си подадеме рака меѓу власта и опозицијата дека оваа тема – ЕУ – ќе ја тргнеме надвор од дневнополитичките препукувања. Нам ни треба нов рамковен договор за ЕУ, во кој партиите од која било страна на политичката сцена ќе склучат договор дека ќе се поддржуваме за прашања поврзани со ЕУ. Еве уште еден повик – ајде да ја искористиме оваа шанса, да го искористиме 19 јули како историски датум на нашиот европски пат, да седнеме на маса, да седнат партиските лидери и да склучат меморандум, договор дека ќе се помагаат за прашања за ЕУ независно од тоа кој е на власт“, изјави вчера Бујар Османи.