Владата на денешната седница го разгледа и усвои и Извештајoт од Министерството за внатрешни работи за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (ФРОНТЕКС) и го разгледа и прифати усогласениот текст на Договорот. Со потпишувањето на Договорот, според информацијата од МВР, се создаваат неопходните правни предуслови коишто ќе овозможат непосредна соработка меѓу надлежните органи на двете Договорни страни, за ситуации кога членови на тимот на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража имаат извршни овластувања на територијата на Република Северна Македонија, а во контекст на управувањето со миграциските текови и сузбивањето на незаконска миграција и прекуграничен криминал во Република Северна Македонија.
Договорот кога го парафирав, колку за потсетување, беше блокиран поради одбивањето на Бугарија да ги прифати зборовите “македонски јазик“ во текстот. Но, со посебно задоволство можам да кажам дека успеавме во нашето инсистирање договорот да биде потпишан на македонски јазик без никакви додавки.