Американскиот помошник државен секретар за енергија Џефри Пајат, во интервју за бугарски БТВ, ја истакна важноста на интерконекторот ИГБ со кој Балканот добива сигурна порта за диверзифициран гас.
„Бев многу импресиониран што претседателот Радев, заедно со премиерот и кабинетот, се фокусираат не само на Бугарија, туку и на соработката на Бугарија со Романија, Грција, Турција, Северна Македонија, со сите ваши соседи за да помогнете во изградбата на енергетската безбедност, како и да продолжиме да работиме на најсигурно долгорочно решение, имено енергетската транзиција, намалувањето на нашата зависност од фосилните горива и движењето кон обновливите извори, кои се од огромно значење за нашата заедничка иднина“, истакна Џефри Пајат.
Тој ја истакнува важноста на проектите кои, како што вели, веќе се реалност – како гасниот интерконектор, објектoт за регасификација во Александрополис и сета работа што Бугарија ја прави за соработка со соседите.
Во присуство на лидери од балканскиот регион, ЕУ и Азербејџан, на први октомври во Софија официјално во комерцијална употреба беше пуштен гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), со кој мрежата за пренос на гас на Грција кај градот Комотини се поврзува со бугарската преносна мрежа близу Стара Загора, со што се обезбедува диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за регионот на Балканот.
Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои 140 километри се на бугарска територија и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод, преку кој се пренесува гас од Азербејџан до Италија.
ИГБ има и дополнително значење за Северна Македонија, бидејќи ќе овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чирен во Бугарија, преку кој може да набавуваме течен пророден гас (ЛНГ) од терминалот во грчкиот град Александруполис со што се добива можност за набавка на енергенсот од Азербејџан. Дополнително, во текот на летото, кога гасот е поевтин, земјава ќе може да го складира енергенсот во Бугарија и потоа да го користи на зима. Со ваквата диверзификацијата на гасните извори, се обезбедува сигурност во снабдувањето со природен гас за земјава на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со државите од регионот.
Претседателот Стево Пендаровски, кој присуствуваше на церемонијата на пуштање во употреба на ИГБ во Софија, оцени дека овој настан е особено значен, бидејќи отвора нова сигурна порта за диверзифициран природен гас за Југоисточна Европа во момент на повеќекратни кризи кои меѓусебно се засилуваат и кога регионот и европскиот континент во целина се соочуваат со изгледите за тешка зима.