24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Директорот Тасевски на конференција на шефови на полиции во САД

Во период од 15 до 18 Октомври 2022 година, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и помошникот министер за обука Суза Тасевска на покана на ИЦИТАП присуствуваа на овогодинешната конференција за шефови на полиции во организација на Меѓународната асоцијацијата на шефови на полиции – IACP. Програмата на конференцијата имаше два основни столба, првиот добросостојбата на полицискиот службеник, а другиот зголемувањето на бројот на жени лидери во полицијата.
Македонската делегација, предводена од директорот Тасевски зема учество и присуствуваше на неколку работилници и предавања, како и на сесија на Генералното собрание на асоцијацијата, каде се обратија и главниот јавен обвинител на САД, Мерик Гарланд, а свое обраќање преку видео линк имаше и претседателот на САД, Џо Бајден.

На генералното собрание беа прогласени најдобриот полицаец од САД за 2022 година и уште 22 полициски службеници кои во текот на годината покажале исклучителни резултати во својата работа.
На маргините на конференцијата, во организација на главната канцеларија на ИЦИТАП се оствари и средба помеѓу помошникот главен јавен обвинител Кенет Полајт и странските делегации. На оваа средба директорот Тасевски се заблагодари за исклучителната поддршка што ИЦИТАП ја дава на македонската полиција во изминатите 20 години. Особено важно е што македонската полиција се развива во правец на грижа за добросостојбата на полициските службеници, спроведена преку програмата Сина храброст на ИЦИТАП, во правец кој е идентификуван и од самата асоцијација како неопходна инвестиција за подобрување на менталното здравје на полицискиот службеник и неговото семејство.

На крајот на оваа средба, во присуство на помошникот главен јавен обвинител Кенет Полајт и Грегори Дукот, извршен директор на ИЦИТАП, директорот Тасевски му врачи признание на полициското аташе во Република Северна Македонија Карл Ришхајм и му се заблагодари за досегашната поддршка и воведувањето на клучните проекти.