Градот Скопје продолжува со проектот за проширување во булеварско решение Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. Оваа сообраќајница во должина од 2.325 метри добива четири наместо две коловозни ленти, кружен тек наместо крстосницата пред мостот кај Драчево, како и нова пешачка и велосипедска патека.
“Ги решаваме наследените проблеми на еден од поголемите инфраструктурни проекти на изградба на булеварско решение Борис Трајковски, со кој се овозможува населените места од општина Кисела Вода да се поврзат со централното градско подрачје. За помалку од една година успеавме да решиме бројни имотно правни проблеми со кои беше блокиран проектот кој бил започнат без претходно завршување на неопходните постапки, поради што беше предизвикано времена стагнација на реализацијата. Затоа реформите кои сега ги имплементираме во градот, се за секој нов проект сите постапки да бидат однапред завршени како реализацијата би се одвивала без застој, ефикасно и во најкратки можни рокови за изведба.- истакна градоначалничката Арсовска
Низ овој булевар транзитираат околу 50.000 жители и со неговата изградба се подобрува животот на граѓаните во овој дел од градот, а воедно се подобрува безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Воедно како дел од проектот се гради нова атмосферска и фекална канализација,а се реконструира и дел од водоводната мрежа.