23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Гувернерката на средба со претставниците на фондот „Финансии во движење“ и Инвестицискиот фонд за зелен раст: НБ спроведува претпазливи макроекономски политики

Претставниците на фондот „Финансии во движење“ и Инвестицискиот фонд за зелен раст истакнаа дека соодветната поставеност на политиките коишто ги спроведува Народната банка во изминатиот период на здравствената криза и во моментов овозможува одржување на макреокономската стабилност на земјата, којашто е поддржана и од стабилноста на банкарскиот сектор.

Поставеноста на регулативата, спроведувањето на супервизијата и преземањето мерки коишто овозможуваат макропрудентна стабилност му овозможуваат на банкарскиот систем да им дава непречена и активна поддршка на економските текови.

На состанокот присуствуваа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со својот тим, Тони Мајрон, претседател на Инвестицискиот фонд за зелен раст,Михаел Неумар, член на раководните тела на фондот, Борислав Костадинов, директор во фондот „Финансии во движење“ и Славен Поповиќ, регионален претставник на фондот „Финансии во движење“ во нашата држава.

На средбата стана збор за можноста за обезбедување нови кредитни линии за банкарскиот систем за поттикнување на инвестициите во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и ефикасност на ресурсите, но и за можностите за продлабочена соработка со Народната банка во делот на активностите коишто ги презема таа изминативе неколку години во сферата на зеленото финансирање и раководењето со ризиците од климатските промени. Овие прашање стануваат сè позначајни и заради енергетската криза којашто има сериозни ефекти врз нашата економија.

Говорејќи за досегашните активности на Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска се осврна на вложувањето напори за сѐ позастапена „зелена“ компонента во финансиите во македонската економија. Пример за тоа е мерката којашто беше усвоена од страна на Советот на Народната банка минатиот месец со Одлуката за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.

Анкетата за ризиците од климатските промени, којашто Народната банка ја спроведе на почетокот на 2022 година, покажува дека речиси 90% од сите банки и штедилници кај нас сметаат дека климатските промени се важен извор на ризик за финансиската стабилност, 40% имаат воведено нови производи и услуги како реакција на климатските промени, додека 80% од испитаниците одговорија дека размислуваат за воведување вакви производи. Зелените кредити одобрени во приватниот сектор во првата половина од 2022 година забележаа раст за 5,6% во споредба со крајот на претходната година.