30. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Започнува „НЛБ Месецот на штедење“ – Ликовен конкурс за деца и иновациски награден предизвик за основните училишта

Традиционално, со претстава со маскотите на детското штедење Тиби и Штуки и забавно едукативна програма за најмалите, денеска во НЛБ Банка беше одбележан почетокот на единаесеттиот по ред „НЛБ Месец на штедење“, кој годинава за тема ги има „Штедењето и иновациите“.

Во рамките на „НЛБ Месецот на штедење“, што ќе трае од 26 септември до 25 октомври, предвидени се повеќе активности и настани наменети за финансиска едукација и поттикнување на штедењето на најмладите членови на заедницата.

Во месецот на штедење ќе биде спроведен традиционалниот ликовен конкурс на детски цртежи, кој годинава е на тема „Штедењето и иновациите“. На конкурсот може да учествуваат сите деца од 5 до 15-годишна возраст кои до 25.10.2022 ќе ги испратат своите ликовни творби, по електронски пат, преку веб-страницата: www.stedenje.nlb.mk. На крајот на октомври најдобрите цртежи избрани со гласање преку истата веб-страница www.stedenje.nlb.mk, како и од страна на посебна комисија составена од реномирани македонски уметници ќе бидат наградени со парични награди и признанија.

Оваа година НЛБ Банка организира и иновациски предизвик за учениците од основните училишта на тема „Изум кој ќе го направи светот подобро место за живеење“. Основната задача за училиштата кои ќе го прифатат овој предизвик е да изработат макета на својот изум, накратко да опишат како тој би функционирал и какви придобивки би можел да донесе за луѓето, за живиот свет и за планетата воопшто. До 25.10.2022 своите иновациски проекти училиштата треба да ги достават по електронски пат на е-маил адресата: inovaciskipredizvik@nlb.mk по што специјална жири-комисија ќе ги избере најиновативните три проекти за кои НЛБ Банка ќе обезбеди донации во вредност од 3.000 ЕУР за иновацијата која ќе го освои првото место, 2.000 ЕУР за второто место и 1.000 ЕУР за третото место.

„Познато е дека во бујната фантазија на децата се кријат голем број храбри, несекојдневни идеи кои чекаат да бидат откриени. Целта на активностите што ги обмисливме во рамки на годинешниот месец на штедење беше токму тоа – да ги мотивираме и охрабриме младите, уште од најрана возраст, да ја активираат својата фантазија и креативност за нови идеи и иновации кои во иднина можат да прераснат во ефикасни решенија за глобалните предизвици поврзани со загадувањето на животната средина, глобалното затоплување, квалитетот на животот на луѓето и други исклучително значајни актуелни прашања. При тоа, останува и нашата трајна определба, преку овие активности, на најмладите да им го пренесеме значењето на штедењето, како еден од клучните елементи од нивната натамошна финансиска едукација“ – истакнуваат од НЛБ Банка.

Месецот на штедење ќе заврши со голема изложба на ликовните творби кои ќе пристигнат на конкурсот за детски цртежи, што ќе биде поставена во просториите на НЛБ Галерија.