24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски во ОН: Непридизвиканата агресија од Русија е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации

„ Сакам јасно да ја пренесам пораката на мојата земја: непредизвиканата агресијата на Руската Федерација врз Украина претставува флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право. Таа не може да се оправда, ниту да се релативизира“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на 77-мото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Тој порача Руската федерација веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина, бидејќи историјата ни потврдува дека ниту еден проблем не може да се реши по насилен пат.

„Прекинувањето на агресијата е неопходниот предуслов да се отвори единствениот можен пат до решението. Тоа е патот дипломатијата и дијалогот, којшто може и мора да биде единствениот механизам за разрешувањата на споровите и предизвиците меѓу државите“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека ефектите од кризата ги чувствуваат сите и дека мора да се извлечат искуства од пандемијата – меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, туку да се решаваат предизвиците на глобален план.

„Пандемијата потсети дека сите сме еднакви пред заеднички, во случајот невидлив непријател, кој однесе милиони животи ширум светот. И упати колку се значајни солидарноста и единството, преточени во конкретната меѓународна соработка. Овие принципи треба да ја раководат нашата акција и во иднина, во соочувањето со актуелните и идните предизвици“ рече Ковачевски.