24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски во ОН: Членството во ЕУ е од суштинско значење и за самата Унија, особено во новите околности на глобален план

„Сакам да потенцирам дека членството на Република Северна Македонија во ЕУ е од суштинско значење и за самата Европска унија, посебно во новите околности на глобален план, кога овој знак на охрабрување – дека процесот на проширување е актуелен го очекува целиот регион, којшто колку и да има прогресивни раководства не е имун на глобалните предизвици“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на 77-мото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Тој додаде дека Република Северна Македонија е приказна за мир, соработка и разбирање, создадена низ предизвиците за надминување на заканите по внатрешната стабилност и на патот на интеграциите на меѓународен план.

„Претставувам пред вас денеска, држава во којашто сите етнички заедници имаат еднакви, уставно загарантирани права и обврски. Република Северна Македонија ја градиме во граѓанско, демократско општество во кое што разликите се богатство – предност, а не пречка. И обединети, како мултиетничка функционална демократија, денес сме успешен пример на Европа во мало, на Балканот. Но, тргнувајки од значењето на меѓусебното разбирање, почитување и поддршка што ги мотивира заедништвото, заедно со два наши соседа, Албанија и Србија, ја основавме иницијативата „Отворен Балкан“, што е денес успешен пример на регионално поврзување. Тоа придонесе во заедничките заложби за укинување на непотребните бариери во движењето на луѓето, трговијата, пренесувањето стоки и давањето услуги“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека ваквата регионална соработка во актуелниот контекст ќе овозможи достапност до храна за граѓаните, како и за полесно снабдување со електрична енергија и енергенси.