23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски-Шоле: Го зајакнуваме партнерството со САД за обновливите извори на енергија

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на учеството на 77. Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк, денеска одржа средба со Дерек Шоле, американски советник за надворешна политика и автор кој моментално работи како советник на Стејт департментот на САД.

На средбата на која присуствуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, беше потврдено стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија. Беше потенцирано дека Северна Македонија напредувала од земја која тежнеела да стане членка на НАТО, до сигурен, еднаков и способен сојузник.

На состанокот Ковачевски и Шоле дискутираа за актуелните проекти за енергетска транзиција и животната средина. Двете земји ја повторија својата посветеност во услови на светска енергетска криза за зголемување на енергетската диверзификација. САД и Северна Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Дискутираа и за важноста САД и Северна Македонија да ја прошират соработката во доменот на образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за континуираната поддршка на САД, кој од 2019 година има инвестирано речиси 60 милиони долари во индустријата, инфраструктурата и иновациите.