По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија во организација на Владата на Република Северна Македонија, под мотото: „Обединети во слободата“ ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности во целата држава.
Чествувањето на денот, кога ја славиме сувереноста, независноста и самостојноста на нашата држава и македонскиот народ ќе започне во 8:45 часот. Премиерот Димитар Ковачевски со Владина делегација во состав: Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Беким Сали, министер за здравство како и Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, ќе оддадат почит и ќе положат свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Од 11:00 часот до 14:00 часот, во Скопје, во Градскиот парк на „Школка“ ќе се одржи манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци кои ќе ја одиграат куклената претстава „Лакомата Меца“, по што ќе следат и тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.
Под мотото „Обединети во слободата“, во организација на Владата на Република Северна Македонија, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 часот ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии.
Сите заинтересирани граѓани ширум Републиката, ќе имаат можност до 20:00 часот да ги посетат археолошките наоѓалишта „Стоби“ и „Хераклеја“, Музејот Охрид и Куќата на Робевци, музеите и заводите во Прилеп, Штип и Струмица, музеите на Куманово, на Крушево и на Гевгелија, како и во Тетово: Музејот на Тетовскиот крај и Уметничката галерија.
Во Битола, граѓаните ќе имаат можност за бесплатен влез во Музејот на албанската азбука, како и Музејот на Западна Македонија во НОВ во Кичево.
Во Скопје, ќе бидат отворени за посета, Археолошкиот, Природонаучниот музеј, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Музејот на современата уметност, како и Даут пашиниот амам и Чифте амамот.
Централната прослава пак, започнува во 19:30 часот на платото кај паркот Ибни Пајко, каде ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Потоа, планирани се изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи.
Почитувани граѓани, нека ни е честит големиот ден, Денот на независноста- 8 Септември!