Од денеска во следните 4 дена во рамките на Самитот Отворен Балкан во Белград се одржува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, каде покровители се Република Србија, Република Северна Македонија и Република Албанија. Саемот ќе го отворат лидерите на Отворен Балкан, премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Обраќањето од отворањето може да се проследат на следниот линк
На Саемот ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Северна Македонија ќе ја претстави својата традиција, обичаи, карактеристичната кујна, музика и фолклор, како и обележјата и вредностите на сите други заедници кои живеат во земјата.
На Саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот”, нашата земја ќе се претстави пред сѐ со 42 винарии и 3 дестилерии кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии.
Во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан”, ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.
Во рамки на Саемот ќе се претстават повеќе од десет производители на храна од Северна Македонија кои ќе се презентираат автентичните вкусови на македонската кујна. Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам.
Како дел од промотивните активности на македонските производи, вината, храната и националните богатства интересни за туристите, претседателот на Владата Димитар Ковачевски ќе биде домаќин на „Македонската вечер”, каде ќе присуствуваат претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија.
Во рамки на активностите во Белград ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на Отворен Балкан предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.