Под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, а како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, почнува Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“, кој ќе се одржи во Белград, од 1 до 4 септември 2022 година, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Од Северна Македонија ќе учествуваат 42 винарници и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина. Учеството на Северна Македонија на Саемот за домашната економија значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските вина. “ рече Ковачевски.
На овој саем ќе се поврзат винските патишта на Балканот и ќе се соберат најдобрите винарии од регионот на едно место, и ќе се отворат дискусии за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и средби меѓу претставници на производителите и откупувачите со цел проширување на економските потенцијали за компаниите и за економиите од регионот.