23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Отворен Балкан во Тирана ги отстранува трговските и бариерите помеѓу граѓаните

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи заедно со своите колеги од Албанија и Србија Арбен Ахметај и Бранислав Недимовиќ денеска во Тирана одржаа заедничка прес-конференција, по завршувањето на работата на меѓувладините групи при што истакнаа уште еднаш и на техничко и политичко ниво дека се согласивме дека пребродувањето на енергетската криза, како и справувањето со можните ефекти од војната на Украина во недостатокот на храна, заеднички ќе го адресираме и пребродиме.

Наш заеднички приоритет е регионално енергетско поврзување, зголемување на енергетските капацитети како и безбедно и стабилно снабдување со енергенси. Северна Македонија интензивно работи на интерконективни гасоводи со соседите.

Дополнително, министерствата заедно со коморите ќе ги мапираат производните капацитети како и потребите за потрошувачка во рамките на Отворен Балкан и ќе изготват патоказ за соработка за меѓусебна поддршка. Дополнително ќе се измапираат можностите за заеднички инвестиции во подобрување на инфраструктурата и капацитетите за производство на енергија, особено во обновливи извори на енергија. Исто така, ќе се стават на располагање сите суровини со кои трите земји располагаат за производство на електрична енергија.

Трите држави се согласија дека обезбедувањето на храна во услови на светска криза претставува предизвик и дека заради обезбедување на одржливост во снабдувањето со храна потребно е да се создадат посебни механизми на соработка помеѓу трите земји. Извозните забрани за определени производи на храна да не се однесуваат и за земјите од Отворен Балкан односно да имаат преференцијален третман. Благодарение на Отворен Балкан, македонските и граѓаните на Албанија и Србија, зимава ќе бидат целосно обезбедени со потребните количини на брашно, масло, шеќер, сол и другите основни немирници.

Работните групи за брза реакција при катастрофи и несреќи се согласија дека секоја земја ќе делегира лице за контакт од својата земја за прв одговор при криза, кои ќе комуницираат редовно – ова ќе значи итна реакција од секоја земја за заштита на населението на земјите на Отворен Балкан без разлика каде се случува непогодата или несреќата. Дополнително, трите земји можат да бенифицираат од заеднички пристап при барањето средства и добивањето помош од достапните ЕУ фондови.

Со зголемување на трговијата помеѓу земјите од Отворен Балкан агенциите заедно со Министерството за економија и финансии ќе работат на намалувањето или укинувањето на царинските такси, што секако ќе се прави во соработка и консултација со бизнис секторот од трите земји преку стопанските комори. Дополнително на ова ќе се работи и на можностите за онлајн плаќање со цел олеснување на процедурите и постапките.

Трите земји работат на усогласување на системите за електронските идентификациски картички да можат без проблеми да функционираат во сите три земји. Ова е финална фаза пред укинување на работните дозволи меѓу трите држави.

Со овие картички граѓаните ќе имаат пристап до еден заеднички слободен пазар на труд и движење низ земјите на Отворен Балкан. На овој начин стануваме голем пазар од околу 12 милиони.