23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Како до функционален регионален систем за третман на отпад? – Панел дискусија во рамки на „ЕУ за општините“ за предизвиците со управување со отпадот

Зајакнување на меѓусекторската соработка, поголемо граѓанското учество и подигање на јавната свест за важноста од селекција и третман на отпад се клучни за да се воведе и профункционира интегрираниот систем за управување со отпад во земјава. Ова беше заклучокот од дебатата „Предизвици во управувањето со комуналниот отпад и следните чекори што претстојат“ организирана во рамки на Програмата „ЕУ за општините“ во Прилеп. Европската Унија е главен поддржувач и донатор со над 50 милиони евра во секторот за третман на отпад во Северна Македонија и проектите за воспоставување на интегриран систем кои веќе се спроведуваат во источниот и југоисточниот дел.

Справувањето со отпадот и воспоставувањето на регионален интегриран систем за управување со отпад е еден од најголемите предизвици на денешницата, истакна на дебатата министерот за екологија, Насер Нуредини.

„Со задоволство можам да кажам дека како Влада ги следиме клучните принципи и политики за управување со отпад на ЕУ и напредокот веќе е видлив. Со нетрпение го очекуваме денот кога конечно ќе почнеме со изградба на инфраструктурата и кога ќе ја пуштиме во употреба. Наша цел е примена на принципите на нула отпад и циркуларна економија при што отпадот ќе се селектира и ќе се користи како секундарна суровина, а само мал дел кој не може да се употреби ќе заврши на депонија“, вели министерот Нуредини.

„Собирањето отпад е проблем во целата држава. Диви депонии има на секој чекор. Покрај зелените проекти голема улога пред сѐ треба да одигра јавната свест. Сметам дека во иднина, со поддршка од Европската Унија, треба заеднички да работиме на подигање на јавната свест на населението за менаџирање на отпадот и јакнење на локалните капацитети. Да го селектираме отпадот, да не ги селектираме виновниците кои фрлаат отпад – казни за сите подеднакво“, посочи Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа.

И градоначалникот на Битола, Зоран Коњановски смета дека за успешноста на ваквите проекти клучна е комуникацијата со граѓаните на кои треба да им се објаснат конкретните бенефити од примената на ваквиот систем на селекција и третман на отпад.

„Подигањето на јавната свест е важна подлога за сето ова да најде примена кај граѓаните. Мора добро да се објасни што значи организиран третман на отпад и интегриран пристап. Ако се прави набрзина и без претходна подготовка на сите структури, односно јасни ингеренции за имплементација на сите вклучени во процесот нема да имаме успех,“ смета Коњановски. Според него примената на добрите практики од ЕУ прилагодена на локални прилики исто така може да помогне во имплементација на овие проекти. 

За извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски исто така е важно да се работи на подигање на свеста кај граѓаните за важноста од селекција на отпадот.

„Главна работа е свеста. Паралелно со поставување на контејнери треба да работиме и на подигање на јавната свест. Треба да има систем и на награди за оние кои селектираат отпад, но и казни за оние кои непрописно фрлаат отпад“, вели Ивановски. 

Живка Михајлова, раководителка на локалната канцеларија за меѓу-општинско справување со отпад во источен регион посочи дека на овој проект се работи повеќе од десет години и за да се забрза имплементацијата исто така е потребна и поголема политичка волја и меѓу-секторска соработка.

„ Функционален регионален систем за третман на отпад и промената ќе се случи коа ќе има целосна инфраструктура за да може да функционира овој систем. Само за пример во руралните средини луѓето почнаа да фрлаат отпад во поставените контејнери што значи дека промените се прифаќаат. Верувам дека со упорна работа, особено општините и градоначалниците да донесуваат брзи и храбри одлуки ќе имаме успех,“ рече Михајлова.

Како до поголема интерсекторска соработка е еден од најголемите предизвици смета и Маја Бодановска, програмска менаџерка за животна средина во делегацијата на ЕУ во Скопје.

„Многу е важно општините и МЖСПП да не бидат оставени сами на тој пат. Им треба поддршка од сите институции инволвирани во ова. Ова е долг процес, чини многу и оние средства кои ги обезбедуваат локалните власти имаат одредени правила за имплементација. Интер секторска соработка е најважна за забрзување на имплементацијата на главниот проект,“ рече Бодановска. Таа посочи и дека овој сектор е идентификуван како еден од клучните и дека на располагање има средства од ЕУ за локални проекти за третман на отпад.

Маја Каранфиловска, раководител на сектор за управување со отпад во Министерство за животна средина смета дека многу е важно “да се зајакнат капацитетите на сите нивоа, не само во министерството туку и на локално ниво.“

„Повеќе од 10 години се работи на оваа проблематика за воспоставување на ваков систем. Имаме капацитети и потенцијал но мора да се постават правите луѓе на право место. Пред сѐ, мора да се одвои политиката од управувањето на отпадот“, смета Каранфиловска.

Примената на добрите практики од ЕУ може да помогне во имплементација на овие проекти.  Василис Папатанасиу од Секторот за животна средина во грчката општина Кожани го претстави нивниот успешен модел на интегриран систем за управување со отпад во кој се вклучени 12 општини. Тој најави и зголемена соработка на овој план со соседните општини Битола и Корча со кои веќе имаат потпишано меморандуми за соработка со цел размена на искуства и добри пракси. Папатанасиу посочи и дека ова е долготраен процес во кој и тие на почетокот се соочувале со слични проблеми, но дека со поддршката од ЕУ и желбата на локалната самоуправа да го промени дотогашниот систем сега имаат успешна приказна.

„Треба да се помине подолг пат за да се заштити човековата околина и на идните генерации да им ја предадеме планетата онака како што треба да биде,“ рече Папатанасиу.

Програмата „ЕУ за општините“ е грантова шема со вкупна вредност од 5 милиони евра, која им овозможи на 8 општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ од 300.000 до 800.000 евра. Министерството за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка (СДЦ) кофинансираат до 15% од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови. Со оваа програма уште еднаш беше потврдена поддршката што ЕУ ја дава на општините во Северна Македонија.

Втората цел на Програмата „ЕУ за општините“ е да се креираат тематски платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Северна Македонија, односно дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија.