24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Малевски: Францускиот предлог е шанса која не треба да ја прокоцкаме

„Ова е шанса да тргнеме на патот на кој бевме запрени пред 17 години, шанса која ја создаде Франција, веројатно само некоја голема сила може тоа да го направи. Апсолутно не треба оваа шанса да се пропушти, ретки се моментите кога се создаваат шанси, затоа што потоа тие исчезнуваат. Ќе требаат години за нашето прашење пак да се издигне кај некоја од големите сили“ – вели Денко Малески, поранешен министер за надворешни работи во најновото издание на Трилинг.

Тој смета дека „рамката на меѓународната политика ја држат големите сили. Кога некој проблем ќе се додели на ОН (како спорот на Македонија со Грција) тој проблем се нарекува `проблем на сираци`. Но кога голема сила ќе застане, тоа треба да го препознаеме. По 25 години спор со Грција, Америка се наложи, притисна и така тргнавме. Нешто слично е и сега. Франција станува задолжена за проширување. Геополитиката е важен фактор, со руската агресија се сруши повоениот поредок во Европа и никој не знае што ќе се случува понатаму. Тоа е уште една причина зошто треба да бараме засолниште во европскиот сојуз“.

„Ја зборувам вистината како јас сум ја разбрал. Шансите кои се пропуштаат, тешко се надополнуваат. Зарем не ни беше доволно 25 години искуство со Грција. Две балкански земји оставени сами на себе да ги решат проблемите, ќе им требаат 100 години. Ние сме примени во процес на преговори, заедно со нашиот багаж. Ни рекоа, внесете ги и вашите проблеми, но конечно почнете да се движите кон Европа“ вели Малески.

Професорот по меѓународно право смета дека „темата околу францускиот предлог се политизира до крај. За неотпочнувањето преговори, сите треба да се замислиме. Да сме надвор од процесот на интеграција, да се инсистира на тоа, тоа значи дека нашиве политичари перидов не одат во самопослуга, не ја гледаат ситуацијата. Драматични работи може да се случат во наредната година, со економската криза, со гладот, со војната, со бегалски кризи. Повикот на Макрон е на место, вели `придружете ни се, засолнете се`“.

Малески во врска со политиката на Бугарија кон земјава вели: „Ова не е Бугарија на Тодор Живков. Таму има и националисти, и либерално настроени луѓе. Доминантното чувство и понатаму е националистичко. Ние не ги диктираме условите, Бугарија реши да го употреби методот на Грција. Големиот притисок на Европа направи пресврт таму и храброто поведение на Кирил Петков кој рече ќе го кренеме ветото. Тој чин на храброст треба да се поздрави и сето тоа треба да се повтори во нашиот парламент. Добро е да сме под надзор на Европа, оти сепак постојат правила на поведение кои се поинакви од балканските“.

„Собранието треба да отвори дебата и може да има гласање, како што се случи во бугарскиот парламент. Тоа е патот. Како ќе биде со промената на Уставот, тоа е подалечно. Можно е откако ќе разбереме подобро што добро ни се случило, може ќе го смениме мислењето. Ние сме суверена држава, можеме да кажеме не во секој момент од тие долгогодишни преговори. Тезата дека треба да се затвориме е никаква“ вели Малески за Трилинг.

Професорот е категоричен дека „народот е исплашен, обичниот човек кој се бори за парче леб делува по емоции, е токму тие емоции се злоупотребуваат. Апсолутно се манипулира со идентитетските прашања. Најголема афирмација на македонскиот јазик, на нашата нација е да бидеш прифатен во европското семејство“.

„Треба храбро да влеземе во оваа авантура, и сите непознаници сето тоа да е пред лицето на Европа. Нема од што да се плашиме. Иднината е наша, колку од минатото било заедничко, ќе се види колку е тоа безвредно. Го пофалив Османи, кус период бев советник, мислам дека е посветен на својата работа. Разбрав дека Бујар Османи завршил на македонски јазик од прво одделение до факултет. Станува збор за човек кој е загрижен за државата и работи совесно. За заканата за меѓуетнички тензии, набројувајќи што се може да и се случи на Македонија, спомна и нарушување на меѓуетничките односи. Македонија стои, Албанија оди напред. Замислете какво влијание тоа ќе има врз албанското население во земјава. Сите ќе земат или бугарски или албански пасоши. Ќе ја упропастиме приликата да ја зацврстиме државата“ е ставот на Малески.

извор Трилинг.мк