25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Османи: Балканот не е на периферијата, туку во срцето на Европа

Министерот за надворешни работи Бујар Османи имаше воведно обраќање на министерската сесија насловена „Заедничко градење на отпорна европска безбедност”, во рамки на Преспа форумот за дијалог, кој денеска и утре се одржува во Охрид.

На сесијата, како специјален гостин, се обрати генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, а во дискусијата учествуваа министрите за надворешни работи на Светата Престол, надбискупот Пол Ричард Галагер, на Полска, Збигнев Рау и на Косово, Доника Гервала Шварц, заменик-министри за надворешни работи на Албанија, БиХ и Малта, Меги Фино, Јосип Бркиќ и Кристофер Кутајар, како и директорката за Европа на Европската служба за надворешни работи при Европсакта комисија, Ангелина Ајхорст, а онлајн обраќање имаше заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.

Во фокусот на дискусиите беа нарушената европска безбедносна архитектура во променливото геополитичко опкружување; справувањетo со глобалните и регионалните безбедносни предизвици и најновите безбедносни ризици со кои се соочува Европа денес, како и улогата на ЕУ, ОБСЕ и НАТО во одржувањето на меѓународниот мир.

Зборувајќи за новата геополитичка реалност која ја тестира отпорноста на европската архитектура, Османи рече:

„Одбраната на Украина не е прашање само на опстојување на националниот суверенитет и територијален интегритет – историски, двата фундаментални принципи на демократското владеење – туку во крајна линија станува збор за одбрана на Европа од мешање и империјален нагон на трети актери со цел целосно распаѓање на државата. Оттука, зачувувањето на независноста на Украина не е фундаментално само за самите Украинци, туку и за секој друг Европеец. На геостратешко ниво, слободна, независна, успешна и европска Украина, подеднакво би помогнала Европа безбедносно да се консолидира.“

Министерот Османи се осврна и на иднината на Западниот Балкан, која инхерентно е поврзана со Европа, европските и евро-атлантските структури:

„Да ја повторам клучната порака од минатогодишниот форум, а тоа е дека Западниот Балкан и географски и политички и културно е дел од Европа, и оттука нема дилема дека неговата иднина е во европските и евро-атлантските сојузи. Само еден краток поглед на географската карта јасно покажува дека Балканот не е на периферијата туку во срцето на Европа, опкружен од сите страни со земји членки на Унијата. Овој регион нема други граници, туку само граници кон ЕУ и оттука, кога се зборува за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, вистинскиот термин би бил заокружување на Унијата, а не проширување. И ова не е само политичка, туку и геостратешка констатација. Лоцирани на југоисточниот дел од Европа, Западниот Балкан од секаков можен аспект претставува југоисточна порта на Европа. Кога се зборува за енергетска диверзификација, неминовно се размислува за југоисточните коридори на енергетско поврзување; кога се осврнуваме на предизвиците на миграцијата, неминовно на дневен ред доаѓаат балканските рути на движење; кога го имаме на ум поврзувањето со Централна Азија, со Африка – единствениот пат проаѓа низ овој регион. Оттука, стабилен, просперитетен и интегриран Западен Балкан претставува геополитичка инвестиција за безбеден, стабилен и просперитетен континент.“