Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа презентација на постигнатите резултати на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“, на којa воведно обраќање имаше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Во своето обраќање пред присутните градоначалници, директори на детски градинки и претставниците од Ромскиот Образовен фонд, Тренчевска го потенцираше значењето на образованието во раното детство кое игра клучна улога во развојот на децата и има значајни позитивни социо-економски ефекти врз целото општество.
„Еден од приоритетите на Владата и Министерството за труд и социјална политика е еднаков пристап и инклузија на сите деца во воспитно-образовниот процес без разлика на полот, етничката припадност, социо-економските и културолошките разлики, како и различните здравствени и посебни потреби. Инклузивноста претставува комплексна определба која произлегува од суштината на Конвенцијата за правата на детето, секое дете да добие еднакви шанси во развојот и можност да биде рамноправен член на заедницата“, рече Тренчевска.
Проектот „Инклузија на деца Роми во предучилишно образование“, Министерството за труд и социјална политика го имплементира во соработка со Ромскиот образовен фонд од Будимпешта, Единиците на локална самоуправа и Јавните општински установи – детски градинки почнувајќи од 2006 година. Целта на проектот е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација, како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца.
Во текот на овие 16 години од имплементацијата на проектот беа вклучени бесплатно околу 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, беа ангажирани 20 негувателки Ромки кои работеа со овие деца и го олеснуваа процесот на интеграцијата на ромските деца во детските градинки и повеќето од нив се веќе во редовен работен однос, а некои се ангажирани со договор на проект. Покрај негувателки ангажирани се и 17 медијатори кои работат со договори на проект во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим. Важно е да се напомене дека ромските деца не беа сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани групи заедно со децата од другите заедници кои живеат во Република Северна Македонија, информираат од министерството.
„Проектот Инклузија на деца Роми во предучилишно образование во учебната 2021-2022 година е имплементиран во 21 општини. Министерството за труд и социјална политика потпиша трипартитни договори со 21 општина и 21 детска градинка. Заклучно со јуни 2022 година, опфатени се вкупно 264 деца од предвидените 415 деца“, информираше Тренчевска.