На земјите кои одбија да платат за гас според новиот аранжман на Москва заснован на рубли веќе им е прекинато снабдувањето, но не се планирани нови исклучувања, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Некои земји се веќе исклучени. Не се планирани нови исклучувања. Оние земји кои добиваат гас веќе функционираат според новиот систем, опишан во соодветниот указ на претседателот. Овој систем функционира одлично“, изјави Песков.
По воведувањето на западните санкции, рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој од 1 април годинава воведе нова процедура за плаќање на рускиот гас.
Од тој датум, земјите кои сакаат да купат руски гас мора да се усогласат со новата шема за плаќање, која вклучува отворање две сметки, едната за плаќања во странска валута, а другата за претворање на тие средства во рубли.
Русија ќе продолжи да испорачува гас во количини и по цени утврдени со претходни договори.
Поради одбивањето да го платaт гасот во рубли, „Гаспром“ досега ги откажа испораките за Бугарија, Полска и Финска, како и данскиот „Орстед“ и „Шел Енерџи“ за снабдување со гас за Германија и данската компанија „Гастера“.