На редовната седница Советот на Народната банка ја донесе програмата на истражувачката активност за периодот 2023 – 2025 година. Истражувачката активност на Народната банка на Република Северна Македонија во следниот тригодишен период ќе биде насочена кон области што се од значење за остварувањето на нејзините основни цели, особено областите како монетарната политика, интеракцијата меѓу основните макроекономски сектори, макроекономското моделирање, финансиската стабилност, макропрудентната политика и банкарскиот систем. Првпат во програмата за идни истражувачки активности се предвидуваат истражувања во доменот на финансиската инклузија, дигитализацијата и влијанието на климатските промени како актуелни теми што бараат особено внимание. Оваа програма дава основа за изготвување релевантни аналитички и истражувачки материјали како важен елемент во носењето на политиките, за натамошно осовременување на работењето во НБРСМ, како и за подготовка за идното учество во Европскиот систем на централните банки.
На денешната седница членовите на Советот на Народната банка ја усвоија и годишната информација за плаќањата во Република Северна Македонија во 2021 година. Советот заклучи дека промените на навиките на граѓаните и компаниите, во вид на сè почесто ползување на придобивките од дигитализацијата на пазарот на платежни услуги, и натаму се видливи преку зголеменото користење на платежните картички и дигиталните канали за извршување на плаќањата. Статистиката покажува дека бројот на плаќањата преку платежните сметки на корисниците на платежни услуги во државава во текот на 2021 година изнесувал 176 милиони, што е повеќе за 26,7 % од бројот на плаќањата во 2020 година.
Воедно, во 2021 година е забележан висок годишен раст од 29,1 % на бројот на трансакциите со платежни картички, што придонесе за зголемување на нивното учество од 1,1 п.п. во вкупниот број плаќања, кое достигна 58,1 %. Истовремено, кредитните трансфери иницирани електронски забележаа годишен раст од 32,5 %, што придонесе за умерено зголемување на нивното учество (23,2 %) во вкупниот број плаќања за сметка на намалувањето на учеството на кредитните трансфери иницирани на хартија, кои учествуваат со 18,7 % во вкупниот број безготовински трансакции.
Од аспект на инфраструктурата на плаќањата, бројот на платежните картички на крајот од 2021 година изнесуваше 2,1 милиона, при што картичките засновани на бесконтактна технологија, кои овозможуваат извршување брзи и ефикасни плаќања, преовладуваа во вкупниот број платежни картички (68,3 %). Растот на бројот на контактно-бесконтакните картички воедно беше проследен со истовремен раст на бројот на уредите за извршување бесконтактни плаќања, на уредите на физичките места на продажба што поддржуваат бесконтактни плаќања, раст на бројот на банкоматите со функција за депонирање готовина, како и на уредите за електронски трансфер на средства на физичките и виртуелните места на продажба како поддршка на сè поголемата употреба на дигиталните бесконтактни плаќања во текот на пандемијата на Ковид-19.
Истовремено, на 9-тата седница Советот разгледа и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка, информираат од таму.