Од исклучителна важност е сите ние како индивидуи да знаеме да дадеме прва помош во ситуации кога некој има потреба од тоа. Наместо со зачуденост или збунетост да гледаме кога ќе забележиме човек со потреба за помош во нашата околина, да бидеме свесни дека ние сме тие што треба први да пристапиме и мораме точно да знаеме како треба да постапиме. Затоа што, првата помош спасува животи и намалува ризици поврзани со последици по здравјето.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред почетокот на обуката за давање прва помош која Црвениот крст ја организира за учениците во СУГС „Арсени Јовков“ во Скопје, а во рамки на кампањата по прва помош „Првата помош, спасува живот“ преку која 25 илјади основци и средношколци ќе се стекнат со знаења како брзо да интервенираат со цел да спасат човечки живот или да намалат компликации настанати од повреди.
Обраќајќи им се на учениците кои беа дел од денешната обука, министерот посочи дека секој поединец може сосема случајно и благодарение на човечноста, присебноста и подготвеноста за брза реакција, да стане нечиј херој.
„Ве советувам да бидете внимателни, да го меморирате сето тоа што обучувачите ќе го кажат пред вас и да прашувате за сé што ве интересира. Обуката е одлична. Прва помош мора да знае да дава секој. Затоа што никогаш не знаеме во каква ситуација ќе западнеме или ќе затекнеме, а сепак, мораме да бидеме подготвени за тоа“, рече Шаќири.
Тој додаде дека волонтерите од Црвениот крст кој е долгогодишен партнер и соработник на Министерството за образование и наука и има важен придонес во развојот на образовниот систем и едуцирањето на младите во низа области, ќе придонесат дополнително кај секој ученик да се подигне чувството за хуманост и за грижа кон луѓето во средината во која живеат и учат. А тоа, како што рече се вистински вредности кои мора да ги поседува секој човек и треба да се стекнат од најрана возраст.
„Искрено се надевам дека токму од овие училишни клупи ќе произлезат нови волонтери кои ќе се вклучуваат во активностите на Црвениот крст и достојно ќе продолжат да ја спроведуваат мисијата поради која е формирана организацијата. На претставниците на Црвениот крст им благодарам што и овој пат покажаа дека се важен општествен чинител кој придонесува кон институционалните и општествените заложби за социјална и здравствена заштита на населението и верувам дека така и ќе биде во иднина“, додаде министерот.
Пред почетокот на обуката за прва помош наменета за учениците од средното економско и правно училиште во Скопје, се обратија и министерот за здравство Беким Сали и генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.