ВМРО-ДПМНЕ, по една година блокирање, се премисли и ќе го поддржи законот на СДСМ за заем од Светската банка за поврзување на локалните патишта, рече во Собранието координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
„За вас од ВМРО-ДПМНЕ, кога треба да блокирате, граѓаните не се предвид, е, сега, треба да покажете нешто пред граѓаните и сега законот е супер. Добро е што се премисливте, навистина е добар законот“, рече Митрески нагласувајќи дека законот бил влезен во собраниска процедура на 6 мај минатата година.
Тој нагласи дека овој закон шест месеци бил блокиран од претседателот на комисијата, Тимчо Муцунски.
„Не го обвинувам Тимчо Муцунски, ниту вас за ова што правите во Собранието, знам дека тоа е политичка одлука, што вие мора да ја спроведете, како што тој тогаш ја спроведуваше“, истакна Митрески додавајќи дека 5 месеци по локалните избори, законот потворно бил ставен на комисија за пак да биде блокиран.
Според претставникот на СДСМ, сега има притисок бидејќи, како што рече, новите градоначалници треба нешто да работат.
„Ќе го поддржиме овој закон иако има други градоначалници од други политички партии што ги добиле изборите затоа што ние сме овде за граѓаните. Затоа што граѓаните треба да добијат тоа што ги предвидува законот и задолжувањето“, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието.