24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Џафери ги затворил во Собранието: „Вие ли ќе не заклучувате небаре невести сме?“

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Левков обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери ги заклучил вратите на собраниската сала и ги исклучил микрофоните.

-Заклучени пратеници и хаос во Собрание! Да видите што се случува. Секогаш го прави ова Џафери кога треба да се пријавуваме за точка од дневен ред!, објави Левков на Фејсбук.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски го прашал Џафери „кого заклучува“.

-Ќе ѕвонам на полиција да те пријавам. Кој ти дава право да ме заклучуваш? Ѕвонете на полиција. Правото на движење ни е нарушено. Врз основа на што не заклучуваш?, упорно прашувал Мицевски.

-Вие сте залутале во демократија. Срамота е. Вие ли ќе не заклучувате небаре невести сме овде, дофрлила пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.

Денеска во Собранието на дневен ред беше 71-та седница, на која почна расправата по 15. точка од дневниот ред за Дополнет предлог-закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.