24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Еразмус+ гради мостови за соработка помеѓу различните сектори во Република Северна Македонија и Република Бугарија

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија и Центарот за развивање на човечки ресурси на Република Бугарија реализираа повеќедневен семинар (18-20 мај, 2022 година) во Сандански- Бугарија, на тема “Зелен Еразмус“.

Овој семинар произлегува од Меморандумот за соработка кој го потпишаа двете институции, согласно кој, во следниот период ќе се реализираат различни настани на територија на двете држави со акцент на Програмата, и тоа: зелена агенда и инклузија, со вклучување на различни опоштествени чинители.

“Зелен Еразмус“ е првиот настан со фокус на зелена агенда, каде сите учесници имаа можност да го презентираат сето она што го прават, да направат вмрежување и да споделат добри практики. Учесници на “Зелен Еразмус“ беа организации кои работат на зелена агенда и се корисници на Програмата Еразмус+, млади студенти на ФЕИТ кои студираат на отсек обновливи извори, претставници од Агенција за енергетика и основни и средни училишта корисници на Еразмус+.

“Зелениот договор е еден од сигналите кои ни укажува на важноста но и итноста на зелената агенда. Немаме планета Б, затоа мора да делуваме за оваа која ја имаме, една и единствена.

Еразмус+ гради мостови за соработка помеѓу различните сектори кои се комплементарни во насока на придонесување кон зелената агенда, Европа треба да стане првиот зелен континент, но за да се случи тоа треба да го промениме нашето потрошувачко однесување“- истакна директорот на НАЕОПМ, Марко Ѓоргиевски.

Презентиран во декември 2019 година, главната цел на Зелениот договор на ЕУ е, Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година, што ќе резултира со почиста животна средина, подостапна енергија, попаметен транспорт, нови работни места и севкупно подобар квалитет на живот.

“Една од главните цели на проектите е младите да формираат непотрошувачки однос кон природата и до 2030 година емисиите на јаглерод да се намалат за 40 отсто, а за да се случи тоа, ресурсите мора паметно да се користат“- нагласи директорот на Центарот за човечки ресурси во Бугарија, Михаил Балабанов.

Само со заеднички акции можеме да направиме повеќе. Секој од нас може да придонесе и секој треба да е промената која сака да ја види во светот.