Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на социјалните мрежи објави текст со честиткa по повод одлуката на Вселенската Патријаршија со која Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.
Текстот на социјалните мрежи на премиерот Ковачевски со честитката до архиепископот г.г. Стефан и до Синодот на МПЦ-ОА, ви го пренесуваме во целост:
Сакам да упатам голема благодарност до Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј што направи големо дело, покажа голема грижа за еден голем православен народ и Вселенската Патријаршија со овој чин потврди дека стојат на историската мисија и одговорност.
Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација.
Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија.
На Светиот Синод на Македонската православна црква, на сите православни христијани им честитам за оваа убава вест.