25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Победата над фашизмот е и победа за Европа

Претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа ја упати следната порака:

„Денес, гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста се загрозени во моментот кога поверувавме дека се целосно извојувани. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности.

Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата.

Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување, може да зборуваме за обединета Европа.

Победата над фашизмот е и победа за Европа“.