Судскиот совет на денешната седница постапуваше по трите предмети за утврдување одговорност кај судии за кои Советот за жалби при Врховниот суд ги укина решенијата на Судскиот совет. Според законската процедура, Судскиот совет одново постапи по трите предмети и повторно донесе решенија тројцата судии да бидат разрешени од функцијата. Судскиот совет при одлучувањето се водеше и од насоките на Советот за жалби.
Во едниот предмет напатствијата од Советот за жалби беше да се провери навременоста, преиначувањето, односно прецизирањето на барањето за утврдување одговорност, како и да се оцени дали судијата постапувал како судија или како В.Д. претседател на суд. Напатствијата се испочитувани и Судскиот совет уште еднаш ги утврди околностите при повторената постапка и ја донесе својата одлука за разрешување затоа што се утврдени околности дека судијата сторил повреда на закон. Тој постапил спротивно на Законот за судовите, односно исклучил неколкумина судии од системот АКМИС при процесот на распределба на предмети и ги довел во нерамноправна положба судиите во судот во период кога истекувал рокот на СЈО за покренување постапки. Со тоа судијата ги пречекорил законските овластувања и постапувал нестручно и несовесно.
Во врска со вториот и третиот судија, чии постапки за разрешување исто така се одлучуваа по втор пат во Судскиот совет, Советот за жалби даде насока да се почитува принципот на индивидуализација на постапката, како и целосно да се утврди фактичката состојба. При повторената постапка пред Судскиот совет земени се предвид насоките на Советот за жалби. Инаку, едниот судија постапувал во предмет во кој едната странка била застапувана од адвокатска канцеларија во која бил вработен синот на судијата како адвокат со што судијата ги прекршил законските норми, односно постапувал нестручно и несовесно. Другиот судија во својство на В.Д. претседател пак, донел решение со кое не го изземал судијата од предметот, иако имал законска надлежност за тоа и знаел дека постои конфликт на интереси преку роднинските релации на судијата со адвокатската канцеларија. И овој судија постапил нестручно и несовесно.
Решенијата на Судскиот совет се конечни и тројца судии немаат право на жалба до Советот за жалби.
Покрај овие три случаи, за кои се одлучуваше во повторена постапка, Судскиот совет заседаваше и за други два случаи, со двајца судии на основни судови против кои е поднесено барање за утврдување одговорност. Кај првиот судија е констатирано дека биле донесени две различни решенија за иста правна ситуација и применил различни законски одредби. Судскиот совет заклучи дека судијата постапувал несовесно и нестручно затоа што ги прекршил одредбите од
Законот за парнична постапка. Затоа донесе решение за разрешување на судијата.
Во врска со вториот судија е утврдено дека ги прекршил одредбите на Судскиот деловник, како и на Законот за парнична постапка. Судијата не ги почитувал законските рокови за закажување и одржување на рочишта со што постапил нестручно и несовесно.
Овие двајца судии имаат право на жалба до Советот за жалби. Двете барања за утврдување одговорност се поднесени од членови на Судскиот совет чија надлежност е да ја следат работата на судовите и на судиите.