Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 36. редовна седница на Владата.
На прашањето за преземените дипломатски активности за барање нови алтернативни пазари за македонските производи во време кога се затвора рускиот пазар, портпаролите истакнаа дека Министерството за земјоделство и Министерството за надворешни работи во овој период се максимално насочени кон обезбедување пласман на земјоделските производи што досега се извезуваа во Русија и Украина.
„Министерството за земјоделство е во комуникација со ресорните министри во Европа и регионот, со сите стопански комори, со економските партнери на Министерството, со преработувачите на зеленчук и овошје, со цел да се одржи стабилноста на извозот и да има непречен пласман на секој земјоделски производ. Се разгледуваат сите опции и во делот на извоз како свежи производи или за преработки за домашната индустрија“, беше посочено на прес-конференцијата.
Портпаролите информираа и дека во рамките на министерската конференција во Берлин, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, и министерот за земјоделство на Бугарија, Иван Иванов, постигнале договор да се обезбеди пченица од Бугарија за Северна Македонија, а количините дополнително ќе се прецизираат кога ќе се увидат потребите на домашната мелничка индустрија.
Во однос на увозот на пченица од Србија, како што истакнаа портпаролите, ресорните министерства од двете држави се во постојана комуникација и со оглед на тоа што во Србија имаше избори, се очекува деновиве српската влада да ја укине забраната за нашата земја за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење и да биде спроведена испораката на договорените количини пченица помеѓу економските партнери од двете земји за да се одржи стабилноста на пазарот до почетокот на жетвата.