25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Буџетот е стабилен, има средства за финансирање на мерките

„Уште при креирањето на Буџетот за 2022 година, знаејќи дека ќе има енергетска криза предвидени беа 130 милиони евра за справување со кризата. Освен тоа се намалија и тековните трошоци за осум проценти, за работи кои не мора да се трошат во време на криза“ изјави премиерот Димтиар Ковачевски во „360 степени“ на АлсатМ.

Тој додаде дека сите финансирања се предвидени во Буџетот за оваа година, со дефицит кој е јавно покажан и изгласан во Собранието, како и изворите од кои тој дефицит се финансира.

„Уште се одржуваме на предвиденото ниво и на предвидените задолжувања кои ќе бидат со државни записи, хартии од вредност, дел ќе бидат и со еврообврзница од 250 милиони евра, која е предвидена. Овие задолжувања не само што ќе го покријат предвидениот дефицит, туку ќе се покријат и ануитетите за кредитите земени од државата од порано, како и за каматите на тие кредити“ изјави Ковачевски.

Тој додаде дека целиот буџет е во рамки на среднорочните проекции, кои се направени за до 2026 година. Како што кажа премиерот Ковачевски, се предвидува оваа година јавниот долг да достгине 63 проценти, а потоа до 2026 година да се спушти под 60 проценти.