„Освен големиот број на вработени, за кои е потребна рационализација, проблем во јавната администрација е што во последните две децении има квалитетни кадри кои ја напуштаат администрацијата“ рече вицепремиерот за европскипрашања, Бојан Маричиќ на ТВ Шења.
Тој додаде дека ова е сериозен проблем и дека Владата веќе прави планови и стратегии за добрите кадри, особено специфично стручните да се задржат во администрацијата.
„Најзагрозени категории се луѓето кои работат на спроведување на ИПА фондовите како и информатичарите. Квалитетни кадри од овие сектори сега веќе работат во приватен сектор или на регионални проекти. Ова се луѓе кои долго време работеле и стекнувале знаења во нашите институции“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека од минатата година е воведена можност за бонус од 30 отсто на платата за ваквите кадри со цел тие да се мотивираат и да останат да работат во државните институции.
„Има добри кадри кои го достигнале врвот во администрацијата, стигнале до највисоко ниво, а имаат уште 10 или 15 години до пензија. За нив нема друга мотивација освен бонус на платата, бидејќи нема каде да бидат унапредени, а се вредни, може да дадат придонес и да пренесат знаења“ рече Маричиќ.