24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Евроинтеграциите не се само стратешки приоритет, туку и дел од домашната развојна стратегија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, денеска имаше обраќање на тематската владина седница за ИПА на кое ги информираше министрите за почетокот на процесот на изработка на ИПА-програмата за 2023 година, при што Владата ја разгледа и ja усвои Информацијата за почеток на програмирање на Акциската програма во рамките на ИПА 3.​

„Покажавме капацитет за реализација на проекти финансирани од грантовите на ЕУ, но и учество во бројни заеднички секторски политики на ЕУ. Евроинтеграциите не се само стратешки приоритет, туку и дел од домашната развојна стратегија“, рече на седницата вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот и национален ИПА-координатор Маричиќ го објасни процесот на „созревање“ на проектите, како и правилата и условите за искористување на поддршката од ИПА на ефикасен начин со цел да се избегне губење средства. Тој потсети дека целта на спроведувањето проекти финансирани преку ИПА е да се подобри животот на граѓаните, но и да се отворат нови работни места и затоа е клучно да се реализираат навремено и плански.

„Република Северна Македонија во моментов ги спроведува програмите преку Инструментот за претпристапна помош ИПА 2014-2020, а од средината на 2020 година започна со подготовка на програмските документи за спроведување на Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 кои таргетираат одредени сектори како што се транспорт, животна средина, земјоделство“, рече вицепремиерот Маричиќ, посочувајќи дека преку овие проекти се обезбедува остварување на националните и секторските стратешки приоритети, кои воедно претставуваат приоритети на Европската Унија за земјата во делот на поврзувањето на транспортната инфраструктура, заштита на животна средина и спроведување на приоритети од Зелената агенда, како и поддршката на земјоделството и руралниот развој.

Од Акциската програма во рамките на ИПА 3 се очекува да се утврдат приоритетите за финансирање на владините програми и проекти од овој инструмент за претпристапна помош на Европската Унија и во таа насока вицепремиерот Маричиќ за следната недела го најави состанокот на Програмската мисија ИПА 2023, на кој ќе бидат присутни и делегати од Европска комисија.